Македонскиот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денеска во Лондон имаше средба со членовите на Парламентот на Обединетото Кралство Лордот Питер Боунес, Сер Оливер Хелд, Карен Ламли, Јан Лидел Грианџер, Најгел Милс, Роберт Волтер и Симон Хоар.
Притоа, во заедничко соопштение, британските парламентарци ја истакнаа својата поддршка за политичкиот и економскиот просперитет на Република Македонија.
Како што јавува дописникот на МИА од Лондон, Британците биле загрижени за однесувањето на опозициската СДСМ во земјата и уривањето на договорот за крај на политичката криза во земјата од страна на лидерот на оваа партија, Зоран Заев.
– Укажуваме дека владеењето на правото е суштински поврзано со почитувањето на демократијата и на човековите права. Затоа, бараме од СДСМ, да го прифати и реализира политички договор меѓу главните политички партии во земјата постигнат на 2-ри јуни во Скопје со олеснувањето од комесарот за добрососедска политика и проширување Јоханес Хан. Загрижени сме што дознавме дека со неодговорното однесување, лидерот на СДСМ не сакал да се постигне конечен договор во Брисел на 10-ти јуни и на тој начин ја ставил на ризик европската перспектива на земјата и нејзиниот економски просперитет, наведуваат британските парламентарци.
Членовите на британскиот Горен и Долен дом, во соопштението по средбата истакнаа и дека „само политичките аргументи и политичките програми поддржани од страна на граѓаните се демократските начини да се добијат избори во демократските држави”. Тие ја истакнаа важноста на политичкиот дијалог во решавањето на конфликтите и повикаа опозицијата да се однесува одговорно во македонската политика и „да ги почитува демократските принципи на политичкиот систем”.
– Обединетото Кралство и Република Македонија имаат позитивни билатерални односи и Република Македонија ја сметаме како наш сојузник и поддржувач, наведуваат парламентарците од Британија во соопштение по средбата.
Според Боунес, Хелд, Ламли, Грианџер, Милс, Волтер и Хоар, од страна на пратеникот Александар Николоски биле информирани за стратешките политички цели и притоа изразија поддршка на реформскиот процес во земјата „што креира витална демократија со почитување на владеењето на правото, подобрување на слободата на изразување и медиумите, како и почитувањето на човековите права и заштита на малцинствата”.
– Веруваме дека овие реформи ќе доведат до отворање на преговорите со ЕУ и затоа ја замолуваме Грција да не става вето на овој процес. Сметаме дека паралелното одвивање на процесите за преговори за членство и за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за „прашањето за името” е најдобриот пат за унапредување на стабилноста и просперитетот на целиот регион во Балканот, наведуваат британските парламентарци.
Членовите на британскиот Долен и Горен дом им одадоа и признание за учеството на Армијата на Република Македонија во мисиите на НАТО во Авганистан и Ирак, како британски сојузник и во мисиите на Обединетите нации во Либан и Босна и Херцеговина.
– Македонија е меѓу главните соработници во НАТО со едно од највисоките учества по глава на жител во распоредување на вооружени сили во мисиите. Ова е најдобрата поддршка за членството на Македонија во НАТО и се надеваме дека Македонија ќе влезе во НАТО на самитот во Варшава во 2016 година. Го поддржуваме учеството на Македонија во ОБСЕ и Советот на Европа и почитувањето на стандардите на овие две организации, наведуваат парламентарците од Обединетото Кралство.
Покрај тоа, на средбата со македонскиот пратеник Николоски, тие му ја изразиле својата загриженост за последните политички настани во Република Македонија, особено, како што наведоа „неодговорното однесување на политичката опозиција”.
– Низ дискусија со г-дин Николоски, позитивно ги оценивме предвидувања на Светската банка и Европската комисија дека Македонија ќе има највисок раст на БДП во 2015 година во Европа. Ја поддржуваме фискалната политика на земјата, како и нискиот буџетски дефицит и нискиот јавен долг. Македонија е светла точка на Балканот како една мала земја со умна економска политика која може да креира добра бизнис средина и атмосфера за работа и раст. Ги поддржуваме Владата на Република Македонија и Парламентот на Република Македонија да продолжат по овој пат, посочија британските парламентарци.
На крајот, според нивното соопштение, тие биле информирани за бранот на мигранти кој поминува во Македонија и го замолиле Александар Николоски да ја пренесе британската поддршка до Владата на Република Македонија за изнаоѓање и спроведување на најдобрите практики за решавањето на ова прашање.
– Се надеваме дека Македонија ќе продолжи да биде лидер во Западен Балкан и позитивен пример на мала земја што е ориентирана кон реформи и укажуваме дека Република Македонија и политичкото лидерство секогаш ќе ја имаат поддршката од Парламентот на Обединетото Кралство за постигнување на овие позитивни политички и економски цели, се вели на крајот во соопштението на пратениците во двата британски парламентарни домови.
Лорд Питер Боунес е пратеник во Парламентот на Обединетото кралство, член на Конзервативната партија. Тој е шеф на делегацијата на Обединетото Кралство во Парламентарното собрание на ОБСЕ и член на Комитетот за Европска унија и поранешен претседавач со Поткомитетот за правда и институции.
Пратеникот Роберт Волтер исто така е член на Конзервативната партија. Од 2010 година е шеф на парламентарната делегација во Обединетото кралство во ПС на Советот на Европа и е потпретседател на Бирото во Парламентарното собрание.
Сер Оливер Хелд, пратеник од Конзервативната партија. Тој е поранешен член на делегацијата на Обединетото кралство во ПС на ОБСЕ и поранешен заменик-министер за правда. Во текот на кариерата извршувал значајни функции во Владата на Обединетото кралство.
Карен Лумли, пратеник во Парламентот на Обединетото кралство, исто така е член на Конзервативната партија. Таа е претседавач на партиските групи за Македонија. Во рамки на нејзиното работно портфолио како предмет на интерес се јавуваат земјите од Западен Балкан и тоа Македонија, Србија, Црна Гора и БиХ.
Јан Лидел Гренџер, пратеник во Парламентот на Обединетото кралство и член на Конзервативната партија. Гренџер е претседавач на британската група во Интерпарламентарната унија и член на британската делегција во ПС на Советот на Европа.
Пратениците Најгл Милс и Сајмон Хоар исто така се од Конзервативната партија. Милс е потпретседател на партиските групи за соработка со Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.