Седум лица од кои едно потешко се повредени во сообраќајната несреќа што се случи денеска на улицата „Железничка“ меѓу касарната „Боро Менков“ и бензиската пумпа „Трготим“ во Куманово.
Според информациите на СВР Куманово, во сообраќајката учествувале четири возила. Автомобилот „пасат“ со кумановски таблички се движел од Куманово кон периферијата на градот и претекнувал „мерцедес“ со кумановски таблички по што удрил во „опел астра“ со скопски таблички, а потоа и во „голф“ со кумановски таблички кои се движеле во спротивна насока.
Полицијата информира дека автомобилот „пасат“ откако удрил во астрата и голфот по инерција се свртел и го удрил и „мерцедесот“.
Дваесет и петгодишниот возач А.Е. кој го управувал „пасатот“ поминал со телесни повреди, додека неговиот сопатник Б.Ш се здобил со посериозни повреди по што е пренесен на една од скопските клиники.
– На Одделението за хирургија донесени се три лица повредени во сообраќајна несреќа. Едниот од пациентите беше донесен со тешки повреди на главата и на градниот кош во безсознание. Повикавме анестезиолошка служба и веднаш е префрлен на скопските хируршки клиники – изјави доктор Борче Божиновски, хирург во Општата болница во Куманово.
Останатите двајца со повреди се задржани на Одделението за хируругија во Куманово.
Четворица од вкупно петмината патници во „опел астрата“ поминале со повреди. Автомобилот го управувал А.З (1969), а сопатници му биле Ц.С (1977),К.Ж (1967),У.С (1984) и У.А (1979) сите од Скопје.
Во сообраќајката на повреди се пожалил и возачот на „голфот“, Ш.Р. од липковско Ропаљце, додека 46-годишниот Ш.З. кој го возел мерцедесот не се пожалил на повреди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.