Фотографијата на РАМ меморија на Анита Палческа од Скопје е една од фотографиите кои дигитално ќе бидат изложени во музејот Лувр во Париз.
Фотографијата ќе биде изложена во рамки на доделувањето на наградата „Експозиција“ (Exposure Award) што ја доделува организацијата „Си.ми“.
На натпреварот учествуваат фотографи, професионалци и аматери од 191 земја од светот, чии фотографии беа избрани преку онлајн гласање на интернет-страницата на „Си.ми“.
„Си.ме“ е интернет организација за уметност со седиште во Њујорк, која е специјализирана во обезбедување онлајн профили кои креативците можат да ги користат за да ја покажат, да ја промовираат и да добијат поддршка за својата работа.
Организацијата работи со уметници, фотографи, сликари, музичари, дизајнери и креативни ентузијасти од целиот свет. „Exposure Award“ се доделува веќе пет години и претставува глобално славење на фотографијата, со награден фонд од 75 илјади долари.
За наградата се пријавуваат фотографи од целиот свет, а жирито од десетици илјади фотографии избира помал број кои годинава дигитално ќе бидат изложени во музејот Лувр во Париз. Од изложените фотографии се избираат победниците кои се поделени во неколку категории.
Фотографијата на Палческа се натпреварува во категоријата „Мртва природа“ и претставува голем успех за македонсата аматерска фотографија со оглед на тоа што е избрана меѓу илјадници фотографии кои се пријавени за натпреварувањето. „Си.Ми“, меѓу другото, организира и натпревари во сликање, во чии рамки пред две години деветгодишниот Лео Стевановиќ од Неготино, кој тогаш имаше само седум години, ја доби првата награда „Тајм сквер аворд”.
На тоа натпреварување, исто така, учествуваа илјадници уметници, професионалци и аматери од целиот свет. Покрај паричната награда, делата на младиот сликар цела недела секоја вечер се прикажуваа на голем билборд на Тајм сквер во Њујорк.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.