Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го прими Ивица Дачиќ, прв потпретседател на Владата и министер за надворешни работи на Република Србија. На средбата беа разменети мислења и информации за натамошно продлабочување на билатералните односи и соработката меѓу двете држави, регионалната соработка, евроинтеграциските процеси на двете земји, како и за состојбите во регионот, соопштија од кабинетот на Иванов.
-Двајцата соговорници оценија дека Република Македонија и Република Србија имаат традиционално пријателски односи, интензивен политички дијалог на највисоко ниво и соработка во повеќе области од заемен интерес, која во наредниот период треба да се продлабочи. Информирајќи го Дачиќ за актуелната политичка состојба во Република Македонија, претседателот Иванов истакна дека е потребен посветен, одговорен и лидерски пристап кон дијалогот од сите политички партии, со цел враќање на политичката стабилност- се вели во соопштението.
Во однос на предизвиците поврзани со стабилноста и безбедноста на регионот, претседателот Иванов и министерот Дачиќ се согласија дека е потребен засилен ангажман од меѓународната заедница, особено од ЕУ, за изнаоѓање начини за деблокада на европските интеграции и реафирмирањето на европската перспектива на Балканот, со цел стабилност, безбедност и просперитет на регионот. Особено значајна е поголема солидарност меѓу земјите од регионот во поглед на европските интеграции, беше заемен заклучок на соговорниците.
-Министерот Дачиќ истакна дека предизвиците во Република Македонија можат да се решат само со политичка волја и пружање на европски перспективи, и додаде дека сите заедно мора да работиме со цел враќање на мирот, безбедноста и стабилноста во регионот. Во таа насока, беа разменети мислења и информации за улогата и ангажманот на ОБСЕ за зголемување на нивото на безбедност во регионот, и за еден посеопфатен пристап во соочување со предизвиците од радикализам и екстремизам, со феноменот на странски борци, и активирање на проекти за дерадикализација и контрарадикализација. Г. Дачиќ уште еднаш ја нагласи поддршката на напорите на ОБСЕ и на српското претседателство кон Република Македонија. Двајцата соговорници нагласија дека отворените прашања и разлики во нашиот регион, на ниеден начин не смеат да бидат пречка за билатералната и регионалната соработка, како и пречка во интегративните процеси- се додава во соопштението по средбата во Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претседателот Иванов на Климатскиот самит во Катовице
-
Кабинет на Иванов: Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ
-
Кабинет на Иванов: Владата самата да се запраша зошто е исвиркана
-
Претседателот Иванов со порака до граѓаните: На Илинден сите дојдете на Мечкин Камен во Крушево