| четврток, 6 декември 2018 |

Отворен 48-миот Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура

На отворањето во Конгресниот центар на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ се обратија претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов  и ректорот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ проф.д-р Велимир Стојковски и директорот на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура проф. д-р Славица Велева.

Претседателот Иванов во своето обраќање нагласи дека од дамнина останала мудроста дека јазикот е душата на еден народ.

-За разлика од состојбите од првата половина на минатиот век, денес слободно зборуваме, пишуваме и твориме на македонски јазик, кој има се повеќе свои говорители и меѓу пријателите на Македонија. По кодификацијата на современиот македонски литературен јазик се основаа низа образовни и научни установи кои го изучуваат македонскиот јазик. Во изминативе 70 години се создаваа сите услови за непречено и објективно развивање на македонистиката како дел од светската лингвистичка наука- потенцираше Иванов.

Ректорот Стојковски посочи дека УКИМ има обврска и историска мисија во негувањето, узучувањето и зачувувањето на македонскиот јазик.

Меѓународниот семинар, чија цел е изучување и афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во светот, е во организација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и традиционално се одржува во Охрид.

Оваа година на Летната школа на 48. Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура присуствуваа 78 учесници од 20 земји. На семинарот учество земаа и 18 универзитетски професори кои на своите универзитети ги вклучуваат темите од областа на македонскиот јазик, литература, култура.

Во рамки на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, на 27-ми и 28 јуни ќе се одржи и 42. Меѓународна научна конференција. Тема на лингвистичката секција оваа година е „Македонската азбука и македонскиот правопис 1945 – 2015“, посветена на 70-годишнината од кодифицирање на азбуката и на правописот на современиот македонски јазик

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top