| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Ветеното обесштетување почна, земјоделците да ги осигуруваат посевите

gruevski kamen temelnik delcevo

Владата за сите граѓани во државата кои претпреа штети од пролетните поплави  обезбеди 22 милиона евра. Од нив 12 милиони евра ќе бидат доделени за обесштетување на имотите, додека десет милиони ќе бидат вложени за инфраструктурно уредување, изградба и реконструкција на објекти, патишта и мостови кои беа оштетени за време на поплавите.

Ова го истакна премиерот Никола Груевски кој претпладнево ги посети пелагониските општини Битола и Новаци.

– Денеска почна исплатата на обесштетувањата од поплавите за граѓаните на општина  Новаци. На своите сметки еден дел од оштетените граѓани ги имаат своите пари, а во наредните два  до три дена ќе се исплатат сите  средства за граѓаните од општина Новаци кои претрпеа штети за време на поплавите врз земјоделските површини, некои на домовите и куќите, рече Груевски.

Во наредните денови и недели, како што најави, обесштетени ќе бидат и други граѓани, во другите општини низ државата.

– Тоа што во април го ветив почна со реализација на 100-процентно обесштетување на оштетените граѓани од пролетните поплави. Според тоа, ветеното веќе почна да се реализира. Во оваа прилика сакам да укажам на една значајна работа, дека е многу важно сите земјоделци да стекнат навика за осигурување на земјоделските површини и посевите, порача премиерот.

Според него, обесштетувањето од 100 отсто на кое се одлучи Владата, е исклучок зашто Македонија ја зафатија поплави како што немало во последните 35 до 40 години, редок вид поплави кои се случуваат во еден век.

– Затоа Владата се одлучи на 100-процентно обештетување. Но, земјоделците мора да се навикнат, како во секоја друга држава во светот, да ги осигуруваат своите посеви. Од анализите што ги правевме со Сојузот на земјоделците дојдовме до пресметка дека профитот на едно земјоделско семејство е околу 700 евра, а за осигурување треба да се одвојат само седум до осум евра. Ова е многу важно и ве уверувам дека треба да се почне со изградба на култура со која секоја година земјоделците ќе вршат осигурување на своите земјоделски посеви, рече премиерот.

Груевски напомена дека никој не треба да претпоставува дали оваа година ќе има поплави или некоја друга природна непогода. Важно е секој земјоделец да го осигурува својот имот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top