| четврток, 6 декември 2018 |

За живот сум

Проф. д-р Јованка Кепеска

Проф. д-р Јованка Кепеска

Граѓаните очекуваат да продолжи животот, кој како да застана.

Преокупирајќи нé, подолго време, случувањата на политичката сцена, ја нарушивме рамнотежата на нашето општествено и  индивидуално живеење. Граѓаните масовно ја изразуваат потребата и упатуваат апел до општествените инстанци и чинители, да се нормализираат сите колосеци на општествениот живот со тоа што нормално ќе функционираат институциите на системот и на власта. Што говори дека очекуваат животот да продолжи таму каде што тој, како да застана. Согласно уставниот поредок тоа подразбира почитување на нивната изборна волја и продолжено владеење на ВМРО ДПМНЕ, функционирање на Собранието, дури и без СДСМ, доколку изостане нивното враќање, извршување на сите правни дејствија за расчистување на аферата со прислушкувањето, економскиот развој на земјата и нејзино евроатлантско зачленување. Во таа смисла се очекуваат реформите на општеството преку решенијата поврзани со поглавјата 23 и 24 од пристапните преговори за членство во ЕУ.

Она што граѓаните особено ги иритира и гледа дека единствената одбрана што може да ја вложи е да врши опструкција, се обидите за закани кои најчесто се испразнети од суштина, провокациите, негирањата,  дезавуирањата на тие кои стојат „отспротива“. А тие, загрозувајќи го нашето живеење, секако дека не го заслужуваат нашето внимание. Дотолку повеќе што пизмата, создавана од идеолошки причини, речиси, цел век, против ВМРО, што сеуште опстојува кај поединци, пристрасноста и носталгијата за статусните позиции кои се заземале во минатата југословенска заедница, не може да се надмине во мал временски период. Со должна почит кон поединците кои, од идеалистички побуди, по инерција ú припаѓаат на СДСМ.

Неконструктивната активност на политичкото водство на СДСМ заслужува, исто така, да биде занемарена. Ваквиот пристап, како наше оправдано демократско право, никој не смее да ни го одземе. Дотолку повеќе претставува придонес во демократијата: Па зарем да дозволиме да запре и замре целиот политички, правен и јавен систем поради нечија неодговорност. Впрочем, и крајно одговорните политички претставници на ЕУ во разрешувањето на кризата во нашата земја, Јоханес Хан и Иво Вајгал, искажаа осуда на чинот на неконструктивноста на „некои“ или поточно „еден“ од учесниците во разговорот. Иво Вајгал уште и рече дека не е негово да го осуди виновникот за неуспехот на договорот затоа што тоа треба да го направат политичките чинители во земјата. Би се очекувало, во духот на демократската атмосфера, и сите останати учесници, претставниците на останатите политички партии, на последниот Бриселски разговор, да се оградат од неконструктивноста на Заев, заштитувајќи ги, на таков начин, интересите на државата и нејзината иднина. Иако тоа се очекува и од сите носители на јавните функции во земјата. Затоа што демократија е и спротивставување да преовладаат слепите текови на општеството што водат кон неговото скршнување и крах. Како што суштината на дијалогот е, да се води за да се надминат проблемите.  Тоа е очекуваниот одговор и околу продолжувањето на состаноците за политичкиот договор помеѓу партиите  за начинот на надминување на кризната состојба.  Секоја од партиите, притоа, според совеста и чувството за одговорност, да се очекува дека ќе остане посветена на реализација на договорот за шесте точки, поставени во Скопје, од 02 јуни. Можно е, и овој пат, СДСМ да остане нема на таквиот повик. Па, зарем и досега немало практики во парламентарната демократија, некоја од избраните партии да отсуствува од политичките институции и од вообичаениот политички ангажман?

За нас граѓаните тоа не е најбитното. Бараме колотечение на работата на јавните институции и колотечение на севкупниот живот. Тоа би бил вистинскиот придонес во надминувањето на создадената криза од политичкото раководство на СДСМ во последниот договор во Брисел.

Од своја страна тоа би бил справедливиот одговор на сето тоа што ни ги создаде големите проблеми. Секако и начин политичкото дејствување на СДСМ да биде редуцирано на неговото реално значење што го има за општеството. И да биде вреднувано, онолку и доколку, навистина, придонесува за сеопштиот развој на земјата и со дејствија кои се упатени на изградба а не за разградување на државата.

Според веќе согледаните аспекти, на крајот, останува определбата дека само нормалното функционирање на политичкиот, правниот систем и јавниот живот, кризата, суштински, може да ја надмине.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top