| четврток, 6 декември 2018 |

Каква цена ќе плати Баку како домаќин на Европските игри?

Baku 2015 European Games

– По Европските игри во Баку, луѓето во целиот свет ќе разберат дека Азербејџан е во Европа, изјави азербејџанскиот министер за спорт, Азад Рахимов.

Властите се подготвени да потрошат стотици милиони долари за домаќинството на Европските игри – континентална верзија на олимпијадите, а мотвиите за тоа им се очигледи.

Стремежот е да се утврди Азербејџан како европска држава, пишува „Би-Би-Си“.

Во игрите ќе учествуваат шест илјади спортисти, кои ќе се борат за одличја во 20 видови спорт по стадионите штотуку изградени во Баку, и во редица спортски комплекси.

Официјално за игрите ќе се потрошат 1,2 милијарди долари.

Но тие всушност може да чинат и многу повеќе. Само изградбата на Олимпискиот стадион излезе 600 милиони долари.

Освен него изградени се огромен воден центар и центар за стрелаштво, национална гимнастичка арена, гратче за атлетски турнири и скоро половина дузина спортски содржини за натпревари во триатлон, кошарка и во други спортови.

Азербејџан целосно плаќа пат, хотел и трошоци за храна на сите учесници.

И како врв на празничната атмосфера на игрите, локалното минстерство за транспорт соопшти дека спортистите ќе се превезуваат бесплатно со стотици автомобили од истиот модел како чувените црни таксија во Лондон.

„Апсолутно нерентабилни“ игри

Азербејџан ги организира Европските игри и покрај паднатата цена на нафтата и девалвацијата на националната валута, која изгуби една третина од својата вредност. Некои се прашуваат дали земјата воопшто може да си дозволи вакво домаќинство.

– Повеќето Азербејџанци едвај врзуваат крај со крај и овие огромни расходи ги вознемируваат луѓето, потенцира Арастун Оруџлу, раководител на истражувачкиот центар Исток-Запад во Баку.

– За властите, домаќинството на Европските игри е највисокиот приритет. За властите тоа е пи-ар. Од гледна точка на економијата, игрите се апсолутно нерентабилни, вели тој.

Европските игри беа воведени од Европскиот олимписки комитет и одобрени на Генералното собрание на организацијата во Рим во декември 2012 година. Идејата за ова континентално натпреварување не е многу различна од Олимписките игри или од Игрите на британскиот комонвелт.

Азија веќе приредува аналогни спортски натпревари на секои четири години, почнувајќи од 1951 наваму. Следната година почнаа да се организираат и Панамериканските игри.

Бурни дискусии на социјалните мрежи во Азербеџан минатиот месец предзвика пожар кој избувна во повеќекатна зграда во престолнината, кога загинаа 15 луѓе, а десетици беа повредени.

Интернетот се преполни со карикатури со кои се исмеваше поведението на азербејџанските власти обземени од честа да бидат домаќини на Европските игри – ги обвинуваа дека имиџот за нив е поважен од безбедноста на луѓето.

Една карикатура го прикажа градоначалникот на Баку како свртен кон зградата во пламен вели: „Го запалив најголемиот олимписки факел“.

Официјално беше соопштено дека пожарот почнал од леснозапаливиот покрив кој бил ремонтиран на зградата која е изградена во советско доба. Со ист материјал биле покриени уште околу 200 стари згради во Баку, и претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, нареди покривањето без сопирање да се продолжи.

– Само остро и никако поинаку – властите често постапуваат така за да ја прикријат вистинската ситуација, убеден е Оруџлу.

Од аеродромот во Баку кон градот, на пример, води нов пат, а покрај него властите подигнаа ограда која навечер е осветлена и изгледа доста симпатично. Основната цел на оваа градба всушност беше да се сокријат од погледите сиромашните квартови околу магистралата, и да се создаде илзуија за развој и процут, појаснува тој.

Критичарите молчат

Европските игри не се првиот голем меѓународен настан за Баку. Во 2012 година, во престолнината на Азербејџан се одржа редовното издание на избор на песната за Евровизија.

Локални активисти тогаш алармираа за многубројни нарушувања на човековите права во Азербејџан – принудни раселувања, политички мотивирани прогони, корупција, недостиг на слобода на говорот.

Младиот борец за човекови права Расул Џафаров организираше кампања под наслов „Пеј за да има демократија“. Тој се подготвуваше да започне соодветна кампања и во предвечерјето на Европските игри. Но сега лежи во затвор – обвинет за злоупотреби и неплаќање на даноци, а во април Џафаров беше осуден на 6,5 години затвор.

Зад решетки се ставени практично сите познати критичари на сегашните власти – бранители на човекови права, новинари, адвокати.

– Овој пат службеници не сакаат да ризикуваат, коментира Георгиј Гогија, експерт за Јужен Кавказ во Хјуман рајт воч. „Тие намерно им ја затворија устата на сите кои според нив би можеле да го помрачат имиџот на земјата“.

Но властите ги отфрлија обвиненијата за политички апсења.

– Во Азербејџан нема некој кој е суден заради политички убедувања или заради политичка дејност. Владеењето на правото и целосната независност на судскиот систем исто така се гарантирани во Азербејџан, изјави Хикмет Гаџиев, портпарол во Министератвото за внатрешни работи во Баку.

Но штом стане збор за луѓе кои се дрзнале директно да ја предизвикуваат власта, владеењето на правото веднаш јавно се истакнува како принцип.

Најпозната истражувачка новинарка во земјата Хадиџа Исмаилова од декември 2014 година е во притвор.

Дури и нејзиното притворање не ги спречи нејзините колеги од проектот ОЦЦРП (извештаи за корупцијата и организираниот кринминал) да објавуваат информации од истраги кои таа успеала да ги започне – за бизнис интересите на семејството Алиеви.

Во својот последет извештај, ОЦЦРП доаѓа до заклучок дека офшор фирми кои се блиски и поврзани со претседателот Илхам Алиев заработиле скоро една милијарда долари од продажба на пакет државни акции од најголемиот мобилен оператор во Азербејџан, Азерцел.

Но независни новинари има се помалку – и затоа малку Азербејџанци имаат можност да читаат репортажи за корупцијата меѓу владејачката елита.

Затоа пак наближува почетокот на игрите и во предвечерјето на церемонијата, која е закажана за 12 јуни, државните телевизии прикажуваат снимки како претседателот Алиев и жена му Мехрибан, која е шеф на организацискиот комите на игрите, сечат црвени ленти и официјално објавуваат за отворени разни спортски објекти и терени.

Властите увезруваат дека критиките по повод ситуацијата со човековите права се дел од планрана кампања со цел да се дискредитира Азербејџан.

-Недозволиво е да се искористуваат благородните принципи на спортот за политики цели, за политичка пропаганда, за да се исцрни Азербејџан, изјави во разговоро со мене претставник од министерството за надворешни работи. „Како млада демократија и земја која динамично се развива, и која искажала добра воља да биде домаќин на првите Европски игри, Азербејџан заслужува разбирање и почитување“, додаде тој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top