Договорот за создавање голем трансатлантски пазар меѓу Европа и САД го подели Европскиот парламент и по протестите на повеќе европратеници, одлучено е да биде одложено гласањето за документот, кое претходно беше предвидено за оваа парламентрана сесија, јави дописникот на МИА од Стразбур.
Гласањето имаше советодавен карактер и не требаше да се однесува за усвојувањето на трговскиот договор бидејќи преговорите меѓу Европската комисија и САД сѐ уште се во тек.
Во резолуцијата на Европарламентот требаше да бидат утврдени „црвените линии“ на ЕУ во овој договор за слободна трговија, со што европратениците би влијаеле врз Европската комисија во водењето на преговорите.
Главно спорно прашање во текстот е создавањето на приватните арбитражни судови, наречени ИСДС (Иnvestor-state dispute settlement), кои треба да им овозможат на претпријатијата директно да ги тужат државите ако сметаат дека се оштетени, на пример при промената на законите.
ИСДС постои веќе во повеќе договори, посебно во Спгодбата за слободна трговија меѓу САД, Канада и Мексико – НАФТА. Тоа е механизмот кој му овозможи на „Филип Морис“ да ја тужи Австралија по усвојувањето на антитутунски мерки. Произведителот на цигари, побара отштета од Австралија бидејќи, според него, понудата на кутии цигари без брендови ѝ штети на продажбата.
Социјалистите во Европарламнетот поднесоа повеќе амандмани на делот за ИСДС, барајќи овие судови да бидат државни, а не приватни. Проблемот е во тоа што европската десница во мнозинството е за оваа форма на судови да бидат приватни.
Истовремено, има и голема мобилизација на Европјаците околу петицијата за прекин на преговорите за договорот, што досега е потпишана од 2 милиони лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



