Во текот на мај 2015 година, Царинската управа на Република Македонија, во согласност со своите надлежности, кои произлегуваат од Законот за акцизите, изврши контрола на обележување и употреба на контролни марки – бандероли во малопродажни и угостителски објекти, кои вршат промет со акцизни добра.
Од досега извршените контроли неправилности се откриени во 6 трговски друштва при што привремено се задржани акцизни добра – алкохолни пијалаци.
При контрола на 2 трговски друштва (1 угостителски и 1 малопродажен објект) откриени се шишиња со домашна ракија, кои воопшто не биле означени со контролни марки, ниту имале каков било сертификат за квалитет, а се нуделе на продажба. Ракијата е привремено задржана.
Консумирањето неиспитани, потенцијално неисправни алкохолни пијалоци неозначени со контролни марки претставува сериозен ризик по здравјето и животот на луѓето.
Царинската управа ќе продолжи со редовни контроли на обележување и употреба на контролни марки – бандероли во малопродажни и угостителски објекти на целата територија на Република Македонија, како и контроли на безбедноста на акцизните добра.
Контролите се вршат со цел обезбедување сите иматели на акцизни дозволи и акцизни одобренија, како и учесниците во трговските операции кои вклучуваат промет со акцизни добра – минерални масла, алкохол и алкохолни пијалоци, тутунски добра и патнички автомобили, целосно да ги почитуваат обврските кои произлегуваат од Законот за акцизите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.