Земји од регионот изминатиов период беа и сѐ уште се под огромен притисок предизвикан од миграциските текови кои се должат на конфликтите и жариштата кои траат во повеќе држави. Особено последниве недели Македонија од јужната граница се соочува со огромен притисок на илегални мигранти кои се обидуваат да ја искористат нашата територија како транзит упатувајќи се кон север, односно во богатите членки на ЕУ.
Ова денеска го истакна министерот за внатрешни работи Митко Чавков на Регионален форум на министри за внатрешни работи од земјите на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ кој се одржува во Скопје.
– Ваквиот притисок резултира со четирикратно зголемување на бројот на мигрантите во првите пет месеци од годинава на територијата на нашата држава и приближно двојно зголемување на кривичните дела и сторителите поврзани со криумчарење мигранти во однос на истиот период од минатата година. МВР максимално ги вложува своите капацитети за справување со овој проблем, но сите заедно сме свесни за неговите димензии- рече Чавков.
Според него проблемот со мигрантите не е локално или регионално прашање, туку тоа претставува глобален предизвик.
– Ескалацијата на проблемот со незаконските миграции не се регионални или национални, тие се меѓународен проблем и затоа потенцирав дека е потребно и меѓународен одговор на овој проблем-: додаде Чавков.
Во однос на последните случувања за злоупотреба на мигрантите од криминални групи, министерот рече дека МВР ги мултиплицира сите мерки и активности кои што резултираа со кривични пријави.
Бесник Шеку, претставник од Албанија го поздрави состанокот на експертите каде што се постигна консензус и се изрази вољата на сите страни за зачленување на Косово во иницијативата МАРРИ.
– Како што знаете дијалогот на високо ниво на Косово и Србија веќе дејствува и страните се залагаат за меѓусебно договарање. Овие денови кога ние сите се стремиме кон зачленување во ЕУ и кон борбата против корупцијата се наши приоритети, така што секоја регионална соработка не би била ефективна доколку овие начела не би се почитувале. Тоа е транспарентноста и реципроцитетот. Мислам дека почитувањето на функционирањето на МАРРИ се заснова во овие начела- истакна Шеку.
Амбасадорот на Велика Британија во Македонијиа Чарлс Гарет истакна дека регионалните иницијативи и органи се од огромна важност во решавањето на прекуграничните прашања и особено кога се зборува за чувствителни прашања како што е миграцијата.
– Миграцијата не е првпат една од клучните меѓународни приоритети и целата меѓународна заедница е запрепастена од смртта на стотици па дури и илјадници мигранти кои се обидуваат да го преминат медитеранот. Сведоци сме на жртви и овде во Македонија. Бројките се чини дека растат неверојатно. Нелегалната миграција е прашање кое што бара сеопфатни решенија и Регионалниот центар МАРРИ кој што Британсакта амбасада го поддржува преку нашиот проект подобрување на постапките за воспоставување на идентитетот на нелегалните мигранти во регионот на МАРРИ е дел од тој сеопфатен приод- нагласи Гарет.
Според него, проектот има цел да го зголеми капацитетот на земјите членки на МАРРИ, а националните органи ефективно да одговараат на растечките бројки на нерегуларни мигранти и да го забрзаат процесот на идентификација.
– Ќе ги поддржиме националните институции во изградбата на одржливи и ефективни механизми за заедничка акција во идентификацијата на нерегуларните мигранти. Ова ќе го направиме преку развивање и усвојување регуларна правна рамка во регионот на Западниот балкан за толкување на ретките јазици. Исто така ќе се воспостави заедничка база на податоци за преведувачи на ретки јазици коишто ќе ги користат националните миграциски служби во земјите членки на МАРРИ- додаде Гарет.
Форумот е организиран во рамките на Претседателството на Република Македонија 2014-2015 со МАРРИ. На денешниот собир Претседателството со МАРРИ и беше предадено на Црна Гора.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Мигранти зеле дрва за огрев од затворено кафуле во Грција и оставиле 10 евра
-
Мексико ќе ги депортира мигрантите кои насилно се обиделе да влезат во САД
-
Мигрантите го пробија кордонот во БиХ и се упатија кон хрватската граница (видео)
-
Војници на АРМ стрелале во воздух на границата со Грција за да спречат нелегално минување на мигранти