| четврток, 6 декември 2018 |

Кон излезот од кризата

Timco-Mucunski-90x120

Тимчо Муцунски

Веќе подолг период во Република Македонија намерно, јасно и отворено од страна на опозицијата се креираа услови кои доведоа до создавање на сериозна политичка криза која и нанесува исклучително голема штета на државата, граѓаните и нивните интереси. Првиот камен на споттикнување меѓу власта и опозицијата беа настаните од декември 2012 година, а веднаш потоа следеа и минатогодишните предвремени парламентарни и редовни претседателски избори на кои учествуваа повеќе коалиции и скоро сите политички партии. Во контекст на изборите веројатно сите граѓани се сеќаваат, но не е лошо да се потсетиме дека согласно конечниот Извештај на Набљудувачката мисија за избори на ОБСЕ/ОДИХР од 2014 година, истите беа оценети како сообразни со изборниот процес и заложбите на ОБСЕ и со другите меѓународни стандарди за демокартски избори, како и со националните прописи. Согласно наводите на двете изјави за првичните наоди и заклучоци објавени после секој круг, претседателските и предвремените парламентарни избори беа ефикасно спроведени, вклучително и на денот на изборите. Според истиот извештај кандидатите имаа можност непречено да ја водат изборната кампања, а слободите на собирање и здружување се почитувале. Понатаму во извештајот се истакнуваат и неколку забелешки, на кои треба да им се посвети сериозно внимание, со цел да бидат отклонети што е можно побрзо, без оглед на фактот што не се од таков вид и карактер за да го постават прашањето на легалноста и легитимноста на резултатите од последните избори.
Во наведениот контекст добро е исто така да се потсетиме дека коалицијата “За Подобра Македонија” на последните избори победи со повеќе од 200,000 гласови разлика, што беше јасна и недвосмислена порака на гласачите до политичките партии, кому и со колкава доверба му ја препуштаат власта, функционирањето и управувањето со државата.

Непризнавањето на изборните резултати и одбивањето на опозиционите пратеници да присуствуваат и учествуваат во работата на седниците на Собранието на Република Македонија, како и неколкумесечното објавување на нелегално снимените прислушкувани разговори на владините функционери и неколку новинари дополнително ја заостри политичката криза и неминовно ја наметна потребата за отварање на вонреден и вонинституционален преговарачки процес за надминување на истата. Негативните последиците за државата од таквиот јасен бојкот на опозицијта се долгорочни и големи, а штетите ќе мора допрва да се утврдуваат.

Под постојан и силен притисок на опозицијата во процесот на посредување за обезбедување на политички дијалог за надминување на политичката криза постепено се вклучи и меѓународната заедница, која покажа завиден степен на заинтересираност да помогне во постигнувањето на соодветно решение и да и овозможи на Република Македонија цврсто да продолжи по патот на евро-атлантските интеграции и севкупниот политички, економски и социјален развој на државата.

Кога помисливме дека притисокот и умешноста на европската дипломатија и меѓународната заедница даваат соодветни резултати и дека кај сите политички субјекти во државата е постигнат консензус околу неопходноста за потврдување на стратешките надворешно политички определби, но и прифатливост за одржување на следни предвремени парламентарни избори до крајот на април 2016 година, како за момент топката повторно да застана на средината на теренот. Имено, по една вообичаена и дипломатски коректна политичка изјава на комесарот Јоханес Хан во Вашингтон, следеше изјава на лидерот на македонската опозиција, кој го обвини еврокомесарот за пристрасност во преговарачкиот процес и изјави дека се повлекува од истиот. Неколку часа подоцна (по реализираниот телефонски разговор на лидерот на опозицијата со еврокомесарот Хан) главната опозициона партија излезе со соопштение и го најави присуството на нивните претставници во рамките на продолжениот преговарачки процес во Брисел, со што се релативизира нивната намера за сериозен пристапот кон политичкиот дијалог.

Исто така би требало да се нагласи дека условувањата во текот на преговарачкиот процес допринесуваат кон негово непотребно одолговлекување, со што се нанесуваат непосредни штети на иволвираните страни во политичката криза, се загрижуваат граѓаните, сериозно влијаат на севкупните економски процеси во државата, ја загрозуваат нашата монетарна, финансиска и фискална стабилност, ги ставаат во непријатна ситуација инвеститорите во РМ и ги одвраќаат оние кои во иднина планираат да го вложат својот капитал кај нас, негативно влијаат на перцепцијата за Македонија и врз растот на бројот на туристи од странство.
Секако треба да си го поставиме и прашањето, дали во решавањето на оваа автохтона политичка криза беше неопходен висок степен на меѓународното посредништво? Дали можеби тоа беше потребно затоа што констатациите и заклучоците искажани од странци имаат поголем степен на уверливост и влеваат поголема доверба?

Прашањата ги поставувам, затоа што меѓународниот фактор во неколку наврати многу јасно нагласи дека враќањето на опозицијата во Собранието е од клучно значење за нормален почеток на институционален дијалог (што веројатно ќе се случи), дека е потребно да се пристапи кон измени и дополнувања на легислативата околу изборниот процес и да се извршат промените на избирачкиот список (никој во државата не се спротставува на тој проце) и конечно околу истражувањето на работењето и можеби одговорноста на државните органи, безбедносните служби и евентуалните злоупотреби на владините функционери во врска со актуелните афери (во функционално Собрание нема никакви пречки да се формират соодветни Анкетни комисии).

Сега неколку зборови и околу тнр. транзициски период, за кој барем досега никој од релевантните фактори на меѓународната заедница не се изјасни во прилог на тезата дека тоа автоматски значи и формирање на транзициона (преодна, техничка, концентрациона итн.) влада. Иако ова прашање очигледно ќе биде тема во рамките на понатамошниот политички дијалог во Брсиел и дома, сепак би требало да биде јасно дека тоа не би смеело да биде услов без чие исполнување не е можен напредок во преговорите, ниту кочница за навремено и коректно исполнување на она што е веќе, и она што ќе биде договорено и треба да биде исполнето до одржувањето на следните вонредни парламентарни избори.

Истовремено сите разумни пораки од надвор и внатре упатуваат на сознанието дека политичката криза мора да биде раздвоена од соодветна правна разрешница на повеќето од поднесените кривични пријави, отворени кривични постапки и судски предмети поврзани со аферата “Пуч” и другите предмети. Во наведениот контекст и во постапката на решавањето на таквите предмети потребно е целосно да бидат почитувани принципите на независност, легалност, легитимитет, законитост и висок степен на стручност во примената на Уставот и законите на Република Македонија.

Без оглед на фактот дали на опозицијата и се допаѓаат или не објективните и јасно дадени насоки од претставниците на Европската унија, кои како такви во основа се подржани со претходно извршени опстојни консултации со европските политички лидери и голем број експерти кои и стојат на располагање на Европската комисија, македонската опозиција секако ќе треба да се постави одговорно, да се соочи со реалните предизвици, но и со решавање на проблемите во сопствените редови, а кои очигледно ги има веќе подолг временски период.

Политички е некоректно и некултурно немоќта да се покрива со непримерни напади и обиди за дискредитација на претставниците на меѓународната заедница, само заради тоа што нивните предлози за излез од политичката криза во Република Македонија не се во согласност со вашето согледување на состојбите и не соодејствуваат во целост со ставовите на одредена група или поединци во рамките на политичката партија, особено доколку истата нема изградено соодветна стратегија и концепт за настап.
Можеби токму сега е вистинското време да престанат постојаните напади врз легитмитетот на политичките лидери, државните органи и другите институции од страна на медиумите кои несвесно им служат на целите на оние кои не и посакуваат најдобро на нашата држава. Тоа особено е важно да се случи што е можно поскоро, затоа што македонските граѓани не заслужуваат и понатаму да бидат заложници на оваа политичка и морална криза, и секоја нивна дискусија наместо вообичаен културен разговор за семејството, работниот ангажман, образованието, културата, спортот и забавата постојано да се претвора во политичка расправа.
Крајно време е да се стави точка на оваа политичка забава, а Република Македонија да биде стабилен чинител на меѓународната сцена, да биде истакнувана како најуспешната приказна со висок степен на домашна консолидација, да продолжи со градењето на добри односи со соседите, со леснотија да ја истакнува меѓуетничката и меѓурелигиска кохезија, да биде пример за успешно извршени политички, економски, финансиски и социјални реформи, кои перформанси во целина ќе ни помогнат квалитетно, брзо и ефикасно да ги оствариме нашите стратешки надворешно-политички прироритети и цели.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top