| четврток, 6 декември 2018 |

Во Битола премиера на монооперата „Дневникот на лудиот“

Новоформираниот „Подвижен музички театар“ („Moving Music Theatre“) од Битола вечер премиерно ќе ја изведе монооперата „Дневникот на лудиот“ од Гогољ, во режија на Марјан Неќак, а ќе настапи Озрен Грабариќ, актер во театарот „Гавела“ во Загреб.

centar za kultura bitola

Премиерата е во 20 часот во НУ Центар за култура ­Битола.

Во пресрет на вечерашната премиера, авторот на проектот, композиторот и режисер Марјан Неќак истакна дека новоформираниот музички театар ќе биде посветен на претстави во кои ќе доминира музиката, но и филмот и друга визуелна уметност. ­

– Оваа новост во Македонија мислам дека ќе биде добредојдена во нашата држава, а одлично функционира во театарот „Теразије“ во Белград. Со овој проект сакам да допрам до младата публика која малку знае за класичната опера и која во други држави предизвикува големо внимание. Веднаш по настапот во Битола со оваа моноопера ќе настапиме на Бриони во Хрватска, потврден е нашиот настап на „Охридско лето“, а во октомври премиера ќе има и во Загреб. Освен битолчани, монооперата ќе ја погледнат и претставници на „Мета Театар“ од Минхен кои имаат намера монооперата да ја селектираат на фестивал во Германија – истакна Неќак.

Видео инсталацијата за монооперата „Дневникот на лудиот“ е на Марин Лукановиќ видео дизајнер од Риека, а главниот лик го толкува Озрен Грабариќ, и двајцата од Хрватска. ­

– Во монооперата говорам на англиски и шпански јазик, а ваквиот пристап беше мотивиран од фактот дека и малите држави и народи како што се Македонија и Хрватска, кои не се влијателни на светско ниво сепак може да зборуваат, односно да зборуваме и да комуницираме на светските јазици и да го искажеме нашиот поглед на општеството во кое големите сили наметнуваат разлики – истакна хрватскиот актер Грабариќ.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top