Лидерите на четирите најголеми политички партии од Република Македонија, Никола Груевски (ВМРО-ДПМНЕ), Зоран Заев (СДСМ), Мендух Тачи (ДПА) и Али Ахмети (ДУИ), во текот на утрешниот ден ќе имаат околу пет и пол часа време што еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, ќе го издвои за нив со цел постигнување на конечен договор за ставање на крај на политичката криза во земјата.
Покрај комесарот Хан, се очекува да присуствува само известувачот за Македонија од Европскиот парламент, Иво Вајгл.
Според информациите од неформалната Влада на ЕУ, во текот на утрешниот ден, најпрво се предвидени издвоени, 45-минутни средби на комесарот Хан со Заев и неговата делегација во која се и Рената Дескоска-Треневска и Радмила Шеќеринска (предвидено за 11:00 часот), како и за премиерот Груевски, кој доаѓа со Мартин Протуѓер, Никола Попоски и Никола Тодоров, а е предвидено билатерално да се сретне со комесарот во 12:15 часот.
По „билатералките” со Заев и Груевски, околу 13:00 часот се очекува четворицата политички лидери од Македонија, плус Хан и Вајгл да седнат на заедничка маса и да се договорат за ставање крај на политичката криза. Она што е сигурно е дека Хан има време за договор, најдоцна до 17:30-18:00 часот, бидејќи подоцна има други активности. Тоа значи дека еврокомесарот за преговори за проширување има издвоено пет ипол часа за договор, кој се очекува утре да биде конечен.
Според најавите од официјален Брисел, доколку некој од политичките лидери утре ги минира преговорите со нереални или дополнителни барања или доколку подоцна го изигра можниот договор, ќе биде директно виновен за застој на евро-атлантските интеграции на Македонија. Причината е што ЕК веќе работи на прогрес-извештајот за нашата земја, кој се очекува да го издаде на 13-ти октомври, а кој доколку утре нема договор, речиси сигурно ќе нема препорака за отворање на пристапните преговори, што ЕК го правеше изминатите шест години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.