| четврток, 6 декември 2018 |

Состојби

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Пред некој да биде уметник, научник или политичар претходно треба да биде човек и само од таа фундаментална позиција на свеста да се профилира во одредена креативна дејност, макар таа била и најминорна.

А да се биде човек, покрај оние биолошки и интелектуални одлики, неопходни се и оние етички доблести, без кои човекот не е, и не може да биде она, на што претендира.

Без моралните принципи, кои секое човечко суштество ги носи постојано во себе и секоја негова геста е во согласност со нив, нема ниту човечност, а ниту, пак, доверба во другите, туку ваквото аморално суштество кое само наликува на човек, суштество кое говори како човек и покажува човечка интелегибилност, е, сепак, само еден бессловенсен створ кој егзистира, подобен на животно или, пак, на чудовиште.

Често пати луѓето под дејство на некоја силна колективна хипноза паѓаат во искушение да ги загубат основните морални критериуми и да влезат во една масовна хистерија, при која повеќе наликуваат на крдо говеда во стампедо, отколку на луѓе со чувства и почит кон оние, најблиските, кон нивните сограѓани и кон луѓето и суштествата, со кои ја споделуваат големата авантура на животот.

Не еднаш во историјата на човештвото имало состојби на масовна абнормална ескалација на најдолниот вид аморалност, при која сите етички догми биле тотално депласирани, а единствената мотивирачка сила на масата била една, по сè, манијакална и агресивна еуфорија, покренувана и стимулирана од најниските пориви, како што е омразата, на пример. Често пати, одиумот бил пропратен и со волјата за моќ, желбата за власт, во случајот, тотално откината од моралните принципи кои толпата ја трансформираат во поредок, способен за регулирање и решавање на егзистенционалните и културните проблеми.

Вака разјарената и нахушкана толпа без основните морални принципи на регулација на нивните дејствија, е сурија, спремна за линч на оние, кон кои е веперена оваа несопирлива омраза, а, со тоа, сите тие партиципиенти во таа ужасна опседнатост стануваат убијци, сите заедно, и секој посебно.

Затоа овие грозни групирања на незадоволниците што настожиле огромно количество анимозитет кон своите идеолошки и политички непријатели, е едно опасно играње со огнот на сопствените страсти, кои, на крајот, ќе се свртат против нив самите, а резултатите можат да бидат стравотни.

Зошто, кога ќе бидат елиминирани проектираните непријатели, агресијата ќе биде усмерена кон внатрешните аспекти на толпата, која во хаосот кој го генерира, создава нови халуцинации на злото и нови непријатели кои во недостаток од оние, што се веќе елиминирани, ќе пронајде нови во структурите на самата толпа. Состојбите во тој застарашувачки динамизам генерираат нови и нови аспекти на провокација и агресија.

Така било од секогаш и така ќе биде до крајот на светот и векот.

Толпата, пак, е привлечна за фрустрираните губитници, но исто така, таа е и опортунитет за амбициозните, неморални љубители на моќта, на оние, деформирани во умот, а толку самољубиви и суетни, самопрогласени лидери, спасители на поредокот и светот.

Губитникот во толпата се чувствува силен, способен да ја промени на подобро својата злобна судбина, исполнета со порази и неуспеси. На ваквиот мизерник толпата му дава самочувство, сигурност, вредност и смисол, па затоа овие сироти персони се способни да направат секаква глупост, само да ја сочуваат констелацијата на толпата, нивното психолошко засолниште.

Од друга страна, амбициозните лидери на омразата и превратот се стратегиски и патолошки зависни од толпата, бидејќи без тоа мношто што создава стихиска моќ и сила за разни акции во рамките на општествениот поредок, овие „месии“ би биле само уште еден клинички егземплар за психопатолошката состојба, која со својата паранормална дистинктивност би ги изолирала од општествените текови, а при можна манифестација на екстремно незадоволство и агресија од нивна страна, би ги сместила во душевни болници или во казнено-поправни установи. Понекогаш како предострожност, а понекогаш како последица за нивното поведение.

Затоа оној малоумен циркус со колективното слушање на прислушуваните материјали во нивниот безумен кампинг сред булеварот „Илинденска“ пред Владата, е, всушност, чин на тотално губење на моралот и на човечкото достоинство.

Нивното слепило кое настанува како резултат на злобната инфлуенца, иницирана од аморалните инспиратори за најкриминални дејствија што произлегуваат од манијакалната желба за власт, е пат кон гибелта и најдолен тип на губење на сè што е човечко и возвишено.

Доволно е само да се стават во улогата на жртвите и да сфатат колку боли тој тип на силување на приватноста на човека.

Еден ден, кога тоа ним ќе им се случи, ќе видат колку, всушност, длабоко заглавиле во лавиринтите на злото.

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top