| четврток, 6 декември 2018 |

Се случува револуција на свеста, навистина

Проф. д-р Јованка Кепеска

Проф. д-р Јованка Кепеска

Во еден неодамнешен напис со „програмски“ претензии (Димитров, Н.), појдовната основа за критиката на актуелната состојба кај нас беше дека е нужно да се изврши револуција на свеста. Се однесуваше на логиката на владеењето на ВМРО ДПМНЕ.

Општо земено, точно е дека свеста најбавно се менува при рески општествени турбуленции, какви би ги означиле промените во поминативе неколку децении во Македонија, и таква состојба би можела да постои. Меѓутоа тоа што не соответствува во посочениот напис, како и во соодветните сфаќања, е, каде е потребно да се бара, и да се согледа таквиот недостаток на променета свест. Поради фактот дека, како што историски е познато, во целиот 20 – ти век, на овие простори, се врши атак, според клишето на комунистичката идеологија, токму обратно врз граѓанската свест, што според инерција присутна е и сега кај подржувачите на таквата свест и кај нивните политички репрезенти. Па расчекорот на „вие“ и „ние“ останува и, денес, особено најизразен во препознавањето на целосното постигнување на народот за она што го носи во себе и во пристапот на воспоставувањето на динамиката на живеењето во општеството, како багаж од минатото. Затоа што комунистичките партии со своите политички пледоаеа не соответствуваа на современата општествена матрица колку со својата стратегија и политичка практика во водењето на општеството. Овие политички движења, впрочем, ја имаа, и ја имаат, сеуште, социјалната основа во бирократскиот слој, што за некои теоретичари, претставува класа. Така што при отпорот во Полска, своевремено, се прогласи потреба од револуција за да се симне бирократијата од власт што, навистина, беше толку закостенета во сите пори на општеството.

Од истите причини и надвор од социјалистичкиот табор, овие партии не можеа да постигнат успех. Како што и социјалдемократските партии, без теоретски референтни поставки за суштествените прашања, се сведоа на, не секојпат, успешни поправки на системот и општественото живеење. Оттаму конзервативизмот на свеста на овие партии, како што им припаѓаше во минатото, им припаѓа и сега. А во свеста кај поединци преку пројавен анимозитет кон, така наречените, десно ориентирани, поради народносното чувство, останати.

И она што, како нужно, се случи и во нашето општество, е во политиката да се афирмираат луѓе, неоптеретени со идеологија, кои ќе ја извршуваат наложената потреба за осовременување на политичката акција и политичкото организирање, поврзано со стапувањето на политичката сцена на ВМРО ДПМНЕ. Затоа и се врати еланот во општеството и дојде до раздвижување на многу димензии во развојот на општеството. Додека, кадрите кои, според социјалната стратификација и идејно, произлегуваат од минатото, во политиката и во значајните позиции во администрацијата, мораа, така да се каже, да го препуштат своето место, што, исто така, произведе потреба за реваншизам.

Сигурно дека тежеше бремето од разрешување на севкупните димензии на демократизацијата на општеството. Но она што денеска се актуелизира е дека токму во владението на ВМРО ДПМНЕ му се оставаат, за да ги разреши, со децении, наталожените дејствителност и свест во целост во општеството. И тоа во концентрирано мал временски период да разреши многу прашања за напредокот, какви што се, практицирањето на демократскиот дијалог, независноста на судската власт, сите аспекти на фер изборите поврзани со избирачките спискови, одвојувањето на државата од партијата во изведувањето на изборите, и елементите на слободното новинарство. Исосема би било соответно, ВМРО ДПМНЕ, покрај продолжувањето на трендот на успешниот економски развој, претсретнувањето на корупцијата и криминалот, да го прифати ваквиот предизвик и да навлезе во реформите кои претстојат со имплементација на димензиите кои и се срочени во поглавијата 23 и 24 од преговорите за пристапување кон ЕУ, со кои неформално и отпочнуваат преговорите за прием. Затоа што, од своја страна, сигурно, тоа го обезбедува и неговиот натамошен успех како партија и неговото одржување на власта.

На крајот потребно е да се постави прашањето дали требаше да дојде до разврска на предизвиците во демократскиот развој на волку изострен начин, како што тоа последно се случи, да предизвика посредништво на меѓународната заедница и тн., или тоа можеше да биде предочено во една вообичаена демократска процедура, преку законодавниот дом, јавноста, вклучување на мислечките инстанци. И на таков начин, според релевантноста на аргументите, да се афирмира опозициската улога. Или општеството мораше материјално да биде оптеретено со вршење на избори, речиси, секоја година, иако резултатите беа извесни. Прашањето за штетите, нанесени врз општеството затоа, постојано, лебди над нас.

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top