Дали и годинава ќе има К15 за вработените во приватниот сектор и во колкав износ ќе биде тој, допрва ќе се договара. Во понеделник Организацијата на работодавачи и Сојузот на синдикати ги продолжуваат разговорите на оваа проблематика со цел да се прецизираат деталите околу поделбата на регресот за годишен одмор. Иако со последните измени и дополнувања на општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството беше предвидено исплатата на К15 во висина од 8.500 денари да биде задолжителна две години, 2014 и 2015 година,но тоа може да се промени со преодни и завршни одредби.
-Доколку се договориме за измени во начинот и висината на исплатата на К15, со преодни и завршни одредби, тие можат да стапат на сила со денот на потпишувањето на договореното, поточно тоа може да значи дека за годинава нема да важат претходните одредби. Како и да е, времето на стапување на сила на измените и не е толку важно, колку што е важно што ќе биде договорено. Целта на работодавачите не е да се укине К15, туку да се даде право на одлучување на пониските нивоа. Имено, во државава функционираат различни фирми, со различна големина, различни дејности и на крајот на краиштата, различни приходи. Ако исплатата на К15 за една фирма не е проблем, за друга помала, претставува проблем. Тоа посебно се однесува за текстилните компании. Токму затоа сметаме дека треба да се остави на компаниите да одлучуваат дали можат и колкав регрес за годишен одмор ќе исплаќаат- вели за Република, претседателот на ОРМ, Ангел Димитров.
Инаку вчерашните разговори меѓу ССМ и ОРМ упатуваат на тоа дека годинава ќе нема К15 за сите вработени во приватниот сектор.
Работодавачите сметаат дека исплатата на овој регрес не треба да биде обврска, туку прашање на добра волја и финансиски можности. Имено, тие се жалат дека дел од фирмите не се во состојба да ги исплатуваат овие средства, кои лани беа утврдени на минимална сума од 8.500 денари по работник (40 проценти од просечната републичка плата), па некои за да ги обезбедат морале да се задолжуваат кај банките.
Ставот на ССМ, пак, е дека работниците треба да го задржат ова право, но може да се разгледува начинот на исплата. Конкретно, како што вели претседателот Живко Митревски, Синдикатот оценува дека е прифатливо К15 да добиваат само неговиот оценува дека е прифатиливо К15 да добиваат само неговите членови. Инаку, голем дел од работниците во стопанството не се членови на ССМ, а најбројното членство е во текстилната и металската индустрија.
Од прашањето дали годинава работниците ќе имаат право на К15 вчера се огради министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој на новинарско прашање одговори дека Владата не е надлежна за тоа. Регресот за годишен одмор во приватниот сектор не е утврден со измена на закон, ниту пак Владата овозможи исплата на К15. Станува збор за право кое се дефинира со Колективен договор, во овој случај со Општиот колективен договор во приватниот сектор што го потпишуваат работодавачите и синдикатите, појасни Спасов. Тој потенцира дека Владата не учествува во процесот на колективно договарање и додаде дека секое дефинирање на ваквото право зависи од согласноста помеѓу репрезентативните организации на работодавачи од една страна и репрезентативните синдикални организации од друга страна. На барањето на работодавачите за укинување на регресот како обврска деновиве се придружија стопанските комори, кои повикувајќи се на кризата во која се наоѓа земјата, а со тоа и бизнисот, сугерираа оваа давачка да биде на доброволна основа.
Лани за прв пат работнците во приватниот сектор го стекнаа правото на К15 врз основа на Колективен договор кој беше склучен на крајот на 2013 година и требаше да важи до крајот на годинава, кога се потпишува новиот за наредните две години. Обврската за исплата на К15 лани ја следеше и законски утврдени казни од илјадници евра за работодавачите кои нема да ја исполнат. Државниот инспекторат за труд неодамна излезе со информација дека од спроведените контроли е утврдено дека поголем број работодавачи исплатиле регрес за годишен одмор, а биле поднесени и 70 претставки, од кои 62 од познат подносител и 8 анонимни. Поголемиот дел од фирмите што исплатија К15 се ограничија на утврдениот минимум од 8.500 денари, додека дел, кои и претходно го исплаќаа иако немаа обврска, на работниците им уплатија и по 20 и повеќе илјади денари. Доколку и годинава се исплатува регресот, минималната сума би била нешто над 8.600 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



