Премиерот Никола Груевски денеска се сретна со претставници на повеќе земјоделски здруженија со кои разговараше за актуелните мерки и за владините политики што се спроведуваат во земјоделството.
Земјоделските здруженија, како што информира владината прес-служба, дале поддршка на владините политики што се реализираат во повеќе земјоделски области, а изразиле задоволство и од започнатата исплата за 100-процентно обештетување на земјоделските површини погодени од неодамнешното невреме.
Премиерот Груевски посочи дека сите земјоделци и домаќинства кои пријавиле штета и кај кои проценителите констатирале оштетувања, во следните три недели, ќе биде надоместена штетата во целост. Тој најави и дополнителни 10 милиони евра за изградба на оштетените од невремето патишта, водоводни канали и мали брани. Премиерот ја истакна корисноста за унапредување на постапката за осигурување на родот која што за земјоделците ќе значи сигурност и стабилност на работата во иднина.
На средбата е разговарано и за бенефитите од процесот на легализација на земјоделската механизација, при што, како што се наведува во соопштението, ќе се разгледаат можностите за продолжување на оваа мерка. Земјоделските здруженија ја поддржаа и мерката која е во фаза на реализација, а се однесува на тоа регистрацијата на земјоделската механизација наместо секоја година да се врши на шест години, а на секои две години да се врши технички преглед.
Премиерот Груевски посочи дека продолжува и поддршката на тутунарите со субвенции од по 60 денари по килограм, а нагласи и дека Владата продолжува со обезбедување грантови за млади земјоделци за што до сега се одобрени над 130 барања во вкупен износ од еден милион и триста илјади евра.
Разговарано е и за најавената мерка за распределба на државно земјоделско земјиште, до и над три хектари, за која земјоделските здруженија истакнаа дека ќе биде од голема помош и поддршка за земјоделските стопанства кои сакаат да започнат и да го прошират своето производство. Тие изразија и поддршка за проектот за легализација на фармите кои се наоѓаат на градежно земјиште.
Од страна на премиерот е изразено уверување за продолжување на поддршката на земјоделците, отвореноста и заедничката соработка за проектите кои што се од нивен интерес истакнувајќи дека земјоделието останува еден од најважните владини приоритети.
На средбата присуствуваа претседателот на Сојузот на земјоделците, Вељо Тантаров, претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев, претседателот на Федерација на фармери, Никола Стаменов, претседателот на Синдикатот на земјоделците, Ставре Јанев, претседателот на регионалниот Сојуз на лозари од Кавадарци, Љупчо Аризанов, како и претседателот на Сојуз на здруженија на тутунопроизводители, Данчо Милески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Невреме го зафати јужниот дел на Франција, најмалку шест жртви (Видео)