| четврток, 6 декември 2018 |

Катастарот воведе систем за управување ресурси

катастар

Целосно е дигитализирана внатрешната организација на Агенцијата за катастар на недвижности. Воведен е систем за управување со ресурсите кој ги обединува внатрешните бизнис процеси на Агенцијата, финансиските, човечките ресурси, набавките и основните средства.

За новиот софтвер за интегрирано планирање на ресурсите (ЕРП) се потрошени 240.000 евра што Катастарот ги обезбеди преку проект од Светската банка.

Славче Трпески, директор на Агенцијата за катастар на недвижности, денеска информира дека со интегрираниот систем се заменети 6 поранешни апликации  кои беа со ограничени можности и неповрзани меѓу себе без можност за размена на податоци и информации.Во системот се внесени сите податоците кои во последните 70 години се водени во хартиена форма.

– Ако електронскиот катастар го овозможи целокупното електронско работење на катастарот кон клиентите во делот на примарната работа, значи решавање на предмети, издавање имотни листови… со овој систем  внатрешната организација на Катастарот се дигитализира комплетно. Веќе немаме  хартии внатри, системот дозволува комуникацијата меѓу вработените да биде електронска, а се што доаѓа во Катастарот се скенира и се пушта во системот електронски. Ова значи комплетна дигитализација на катастарот како електронски, така и внатре во самиот катастар – рече на прес-конференција Трпески.

ЕРП, појасни, е поврзан со електронскиот катастар, со што се автоматизира пресметката на ефикасноста на вработените од што зависи дали некој ќе биде награден или казнет. ЕРП системот овозможува најразновидни извештаи и статистики кои овозможуваат на менаџментот со минимални трошоци да се постигнат максимални резултати.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top