| четврток, 6 декември 2018 |

До 2017 година треба да бидат обновени 250 фасади на споменици од културата

Министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска денеска информираше дека целиот проект се одвива според предвидената динамика

Преку проектот на Министерството за култура за обнова и конзервација на фасади од старата градска архитектура, почнувајќи од 2012 година, па сè до денес, обновени се многубројни фасади на стари значајни објекти во повеќе градови низ Македонија. Целта на проектот е да се заштити богатото културно наследство што го поседува Македонија. Предвидено е  до 2017 година да бидат обновени 250 фасади на споменици од културата.

kanceska

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска денеска информираше дека целиот проект се одвива според предвидената динамика.

– Наша цел беше преку овој проект да ја сочуваме автентичната македонска архитектура, да го сочуваме сјајот на  овие градби  кои со својата убавина, го материјализираат духот на  градовите во кои се наоѓаат и не потсетуваат на значајни личности и настани од нашата вековна историја и традиција. Овие градби  сведочат   за различните влијанија,  за варијациите и стилови во архитектурата на времето во кое се создавани – истакна Канческа- Милевска.

Во 2012 година биле реставрирани фасадите на пет објекти со специфични  карактеристики и белези од староградската архитектура и тоа во Старата скопска чаршија, во Старото охридско јадро – Куќата на Бојаџиеви, во Битола- внатрешната фасада на објектот во кој е сместен Заводот за заштита на спомениците, во  Прилеп-куќата на Бектешовци, а во Крушево на улица Партизанска беа обновени фасадите на куќите на Важарови, на Никола Мартиновски и на објектот на Музејот на Илинденското востание.

Во 2013 година извршена е санација на фасадите на 7 староградски објекти, и тоа два индивидуални станбени објекти во Охрид и Крушево, објектот во кој е сместена библиотеката во Гевгелија, пет дуќани во Кратово во комплексот Ајдучка чаршија, а во Гостивар беше целосно санирана куќата на Даут Болетини.

Во 2014  година реставрирани се фасадите на две куќи на бул. „Илинден“ во Скопје, две куќи во Старата охридска чаршија и фасадите на куќата на ул. „Јанко Михајловски“ во Кичево. Во Гостивар целосно се реставрирани фасадите на Старото медресе и куќата на Ахмет Чако, а во Прилеп е обновена фасадата на куќа на ул. Моша Пијаде. Во 2014 целосно е обновена и куќата на Андонови во Штип, во која денеска се наоѓа репрезентативна поставка за  значајни историски личности од  Штип и штипско.

Информирајќи за  акцискиот план за 2015, министерката рече дека Националниот конзерваторски центар ќе изврши санација на три фасади, една во чаршијата во Кичево и две на објекти во Куманово.

Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола  ќе ги санира фасадите на објектите на гимназијата „Јосип Броз Тито“, Средното музичко училиште и Безистенот. Заводот од Охрид  ќе ги обнови фасадите на куќите на Ѓурчинови и  Димзови и  на објектот во кој е сместено Радио Охрид, штипскиот завод ќе ја обнови фасадата на куќата на Личкови во штипско Ново село, а струмичкиот завод ќе изврши санација на фасадата на Историскиот архив во Струмица.

Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп  оваа година треба да ја санира фасадата на куќа на ул. „Нико Доага“ во Крушево и  ќе работи на проект за санација на фасадата на крушевска куќа на ул. „Коча Миленку“ , Конзерваторски центар – Скопје  ќе ги обнови фасадите на два објекта на „Илинденска“, а  во текот на 2015 година ќе бидат изработени и пет основни проекти за конзервација и реставрација на објекти во Стара скопска чаршија. Конзерваторски центар – Гостивар, пак, ќе работи на изработка на основните проекти за обнова и конзервација на фасадите на девет објекти од старата архитектура на Гостивар.

– Оваа година ќе започнеме и со проектот за обнова на куќата на Татарчеви во Ресен, во која ќе биде изложена богата музејска поставка на експонати која ќе биде сведоштво за животниот пат на еден од основачите на ВМРО, рече Канческа-Милевска.

Таа посочи и дека се донесени повеќе закони за зачувување на старите градски јадра на Охрид, Кратово, Крушево, Старата скопска чаршија и најави дека до крајот на овој месец во владина процедура ќе влезе и законот за заштита на старото градско јадро на Битола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top