| четврток, 6 декември 2018 |

Владата го решава проблемот на 20.000 осигуреници на Фондот за здравствено осигурување

фзо

Владата на Република Македонија усвои предлог-закон за дополнување на Законот за здравствено осигурување со кој се решава проблемот со кој се соочуваа 20.000 граѓани.

Со законското решение на Владата се врши ослободување од кривично гонење на лицата за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело по член 380 од Кривичниот законик – Употреба на исправа со невистинита содржина, односно на лицата кои во постапката за пријавување во здравственото осигурување пред Фондот за здравствено осигурување поднеле изјава со невистинита содржина за остварените приходи во претходната година во согласност со прописите за придонесите од задолжителното осигурување.

Согласно предлог законот за дополнување на Законот за здравственото осигурување, кој веќе поминал на владина седница, освен ослободување од кривичното гонење на оваа категорија лица, се предвидува и запирање на кривичните постапки кон лицата кон кои се започнати истите, и потполно се ослободуваат од извршување на казната, се определува бришење на осудата и се укинува правната последица на осудата на лицата кон кои веќе се донесени судски пресуди.

Предлог законот со кој се регулира оваа материја е веќе усвоен на владина седница, и тој веќе е испратен во Собранието на Република Македонија, потврдија од Владата.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Стефаноски вели дека ваквиот предлог закон е оправдан и исправен и тој е базиран на елементот на социјална правда и правичност.

-Точно е дека за определена популација на граѓани постои основа на сомнение дека во постапката пред ФЗО дале невистинита изјава во поглед на личните примања, но ненавлегувајќи во тоа дали тој основ на сомнение ќе се потврди или нема да се потврди, можам да кажам дека условно кажано индивидуалната штета која е предизвикана на Фондот од страна на тие лица е незначителна и мала, односно во над 95 отсто од овие случаи таа изнесува по само неколку илјади денари, и сметавме дека овие лица не треба да бидат законски гонети, а кон оние кон кои е веќе отпочната процедура пред судовите таа треба да запре. Оние пак кои се веќе осудени, односно е потврден основот на сомнение, согласно овој предлог закон на Владата кој е усвоен ќе добијат ослободување од казната и ќе им се избрише и казната и правната последица- вели директорот Стефановски.

Тој додава и дека се работи за бројка од околу 20.000  граѓани, односно околу 12.000 граѓани кон кои се веќе отпочнати постапки, и над 8.000 граѓани кон кои се уште не се отпочнати правните процедури. Граѓаните се од цела Македонија, од кои најголем дел од Прилеп, Битола, Струмица, Скопје но и од другите градови.

Стефаноски вели дека Владата подолг период го подготвувала ова законско решение и веќе неколку месеци на владините тела се дискутирало за оваа тема по што на владина седница предлог законот бил усвоен. Законско решение со слична содржина е поднесен и од група на пратеници, Лилјана Поповска, Павле Трајанов, Роза Каревска- Топузовска, Љубица Буралиева и Солза Грчева.

– Ние подолг период разговаравме и во Фондот и во Министерството за здравство, и на владините тела да се најде излезно решение за овој предизвик и сум задоволен што најдовме добро решение. Не сум запознаен со законското решение на дел од пратениците, но доколку е слично на законското решение кое ние веќе го поднесовме тогаш сум задоволен што размислуваат исто како нас. Владата и Фондот се трудат да помогнат на граѓаните и секогаш кога ќе има услови за тоа ние ќе помагаме – вели Стефановски.

Тој очекува Собранието да го усвои овој предлог закон кој ќе им помогне на многу граѓани и семејства.

-Пратениците имаат своја автономија, но логично е да се очекува дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата За подобра Македонија и на ДУИ да го подржат предлогот на Владата, но иста поддршка е реално да се очекува и од останатите пратеници – вели Стефановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top