| четврток, 6 декември 2018 |

Идниот светски лидер Михајловски во Брисел нагласи: Maкедонската влада ги вработува ранливите категории

11391765_1120385694655581_2101330787242845268_n

Идниот светски лидер, Македонецот Даниел Михајловски, кој со ова признание се здоби минатата недела при избор во Обединетите нации и Европската комисија, синоќа во Брисел пред високи претставници на Европската унија и светски политичари, порача дека македонската Влада го слушнала гласот на младите без родители, родителска грижа и социјален ризик и успешно ја спровела кампањата за помош при нивно вработување.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, на настапот на Македонецот Михајловски во рамки на Европскиот ден за развој, тој на панел-дискусијата со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федериа Могерини, како и со претседателот на 69-тото Генерално собрание на Обединетите нации, Сем Кутеша, говореше за кампањата за поддршка при вработување на млади без родители, родителска грижа и социјален ризик.

11403505_1121925617834922_8822185781611212940_n

– Досега, со помош на Владата на Македонија се вработени повеќе од 100 млади до 18 години со статус на деца без родители. Се разбира, тоа не треба да е единствено решение и треба да се поттикнат и бизнис-заедницата и приватниот сектор да ги користат програмите на македонската Влада за вработување на ранливи категории – рече Даниел Михајловски.

Инаку, мотото на синоќешната дебата беше Ние делиме, ние дебатираме, ние решаваме!“ Европскиот ден за развој е важен настан за сите граѓани на Европа и истиот, синоќа го отвори претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер, кој истакна дека европските денови за развој се нов почеток за да се сменат нештата на подобро. Јункер рече дека Европа и Европската унија се исто и дека ЕУ е дел од „стариот континент. Според Јункер, сите во Европа треба да размислуваат за развој и не треба да стојат во место.

– Се подготвува европска агенда за миграција, со која треба да се обезбеди почитување на човековите права и достоинството на луѓето. А, развојот мора да ги менува политиките и сите земји да соработуваат – порача Јункер.

Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц порача дека работи на кампања за социјални права и демократија. Според Шулц, денеска луѓето се плашат од меѓусебни конфликти, милиони луѓе ги напуштаат своите домови и голем број на земји се развиваат сами.

Македонецот Михајловски, кој е дипломиран маркетинг-менаџер и врбаотен во Министерството за финансии на Република Македонија, како иден светски лидер избран од Еврокомисијата и Обединетите нации, говореше и за социјалното претприемништво и негова промоција во Македонија.

– Социјалното претприемништво е нов поим за македонските граѓани. Во моментов, нашата Влада го подготвува Законот за социјално претприемништво преку Министерството за труд и социјална политика. Истиот би требало да биде готов до крајот на овој месец и од септември да стартува првото официјално социјално претприемништво во Македонија. Нам ни се потребни социјални претпријатија, па дури и претседателот на Индија изрази желба да помогне за развивање на социјалното претприемништво во Македонија, но рече дека земјата му е далеку – посочи Михајловски.

На дебатата со македонскиот иден светски лидер, покрај Могерини, Јункер, Шулц и Кутеша, беа присутни и еврокомесарот за меѓународна соработка и развој Невен Мимица, претседавачката со Комитетот за развој на Европскиот парламент Линда Мекеван, премиерот на Луксембург Ксавиер Бетел, основачите на Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, министерот за финансии на Авганистан Мустафа Ариа и други високи политичари, претседател и директори на светски финансиски институции и корпорации.

Притоа, Михајловки во својот говор, исто така порача дека неговата порака до младите луѓе во Македонија е „да се борат за работни места, одговорно да си ја вршат работата и да се борат за напредување во нивната област“.

– Јас верувам дека ова е еден од начините за да се намали нееднаквоста во приходите. Време е за промени во нашиот пристап. Ние ги креираме нашите навики и тие може да се сменат – порача Михајловски пред европската и светска бизнис-политичка елита во Брисел.

Со Европскиот ден за развој, завршија големите настани поврзани со 14-те идни светски лидери, меѓу кои и Даниел Михајловски од Македонија, што минатата недела лично од генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки Мун и од Европската комисија, беа избрани како идни предводници во светот на економијата, политиката и социјалните права.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top