| четврток, 6 декември 2018 |

Паника во двете Кореи поради епидемија на нилска треска

По 35 регистрирани случаи од опасната болест МЕРС, кај нас позната и како нилска треска, од кои два веќе завршија трагично, во Јужна Кореја завладеа вистинска паника меѓу населението, пренесува МИА.

Властите по вчерашното затворање на 209 основни училишта, денеска затворија уште 500 училишта, градинки и колеџи.

Ширењeто на болеста, која првпат беше регистрирана на 20 мај ги загрижи и властите во Северна Кореја бидејќи, иако строго изолирани едни од други, жителите на двете држави секојдневно се среќаваат во заедничката гранична индустриска зона Каесонг.

Двете држави се договорија на премините да се инсталираат термални камери со кои може да се откријат сомнителните случаи за евентуална инфекција од МЕРС.

Болеста во Јужна Кореја ја пренел бизнисмен кој се вратил од Саудиска Арабија. Во оваа држава инфекцијата МЕРС веќе однесе 400 животи, од вкупно 436 жртви регистрирани во 20 држави.

На „жешката линија“ што од вчера ја инсталираше Министерството за здравство во Сеул, за 24 часа се јавиле над 4.000 загрижени граѓани.

Здравствените власти во Јужна Кореја соопштија дека досега се извршени прегледи на 1.600 лица, кај кои постоел сомнеж за можна инфицираност со МЕРС. На најголем број им е советувано да не излегуваат од дома, а 206 случаи се задржани во посебни карантински услови.

Стравот од инфекција со МЕРС придонесе значително да се намали бројот на туристите бидејќи во последниве три дена туристичките агенции масовно ги откажуваат веќе договорените аранжмани.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top