| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на македонските уметници во Македонскиот културен центар во Њујорк

Во четврток, на 4 јуни во Македонскиот културен центар во Њујорк, ќе се отвори изложбата „Постконцептуални контемплации” на ОПА Профешенал (ОPA Professional). На изложбата ќе бидат презентирани цртежи во комбинирана техника (акрил, фломастер, мастило).

unnamed (4)

Во циклусот „Постконцептуални контемплации”, OPA Professional со апстрактно ликовен јазик го преточува космогонискиот уметнички порив да се продре во онтолошките нишки на сопствениот микрокосмос. Инвентивноста и интуитивноста на нескротливиот потег е ликовен двигател на композицијата кон една општост доловувајќи го метафизичкиот свет на сликарската интима, каде и колоритот го усложнува откривањето на компонентите на рационално обмисленото и спонтаното. Притоа, во разиграноста на репетитивните патерни се истакнува перманентната можност за нови творечки импулси со интегрираност во изразот и целосна афирмација на цртачката идеја.

ОПА Профешенал со ова себепрезентирање преку асоцијативните форми на уметничките творби „ Промискуитетна мома”, „Кисело јаболко”, „Огнена грмушка”, „Перница полна сонови” и друго отвора ново поглавје во современите тенденции на македонската ликовна уметност, воопшто.

Опа Профешенал е формирана во 2014 година од ликовните уметници Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски. Двајцата студирале на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и заедно работат повеќе од една деценија. Се фокусира на формално-визуелните и естетските ликовни вредности, преиспитувајќи ги состојбите во врска со автономноста на уметничкото дело.

Досегашни претставувања на ОПА Профешенал се „Постконцептуални контемплации” – самостојна изложба во Агенцијата за сериозни интереси (SIA) во Скопје; „Schizomechanics” – самостојна изложба во „Хотел Марија Капел” во Хорн, Холандија; „Трансфигурирање”, во Чешкиот центар во Прага, Чешка Република и др.

Претставувањето на „Постконцептуални контемплации” во Њујорк е финансиски поддржано од Министерството за култура на Р. Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top