| четврток, 6 декември 2018 |

Зошто тинејџерките од Западот стануваат невести на џихадистите?

uVwHwAZ

Откако милитантите на т.н. Исламска држава ширум светот почнаа, за свои цели, освен момчиња да регрутираат и девојки, главно многу млади тинејџерки од Западот, многу луѓе се прашуваат зошто воопшто некоја млада девојка би ја заменила слободата на модерниот свет, за живот во среден век во ИС.

Во емисијата „Магазин“ на Би-Би-Си некои одговори се обиде да даде Худа Џавад, советничка во лондонскиот Центар за академско изучување на шиитскиот ислам. Таа е родена во Багдад во доцните 80-ти години од минатиот век.

Нејзините родители биле политички активисти во времето на Садам Хусеин и од Ирак побегнале откако им била изречена смртна казна во отсутство. Прадедо и бил ајатолахот Наини, познат верски правник, заговорник на размислување и расудување, кој слободата на изразување ја сметал дар од бога.

Иако потекнува од многу религиозно семејство, прадедовото наследство резултирало со фактот дека Худа била прва девојка во своето семејство која завршила факултет со титула професор. Поради активниот политички ангажман, родителите се селеле и дури четири пати почнувале живот од ново, во четири различни држави.

Худа Џавади која моментно е координатор на Лигата за борба против семејно насилство, во последно време е преокупирана со темата за жените и т.н. Исламска држава. Таа вели дека со мешавина на крајна фасцинираност и големо гадење внимателно го следи континуираното заминување на девојки од Велика Британија на подрачја кои во Ирак и Сирија ги контролираат исламистите.

– Зошто нечија интелигентна, налик добро интегрирана ќерка пред која е светла иднина, која ја ужива слободата на модерното демократско општество, сето тоа го остава и тргнува на пат во најмрачното црно доба?, е прашање кое си го поставува Худа Џавади.

– Модерно облечени девојки, со очила за сонце по последна мода, со торбички од модните писти, одат во пустина во која нема вода за пиење, каде струјата е луксуз, каде тоа основно човеково право, слободата на движење, може да е по цена на живот! Зошто?, додава таа.

Дилемите кои ја мачат Худа имаат бројни потпрашања.

– Кога некој кој е роден на Блискиот Исток, кој побегнал од војната, прогонет како дете, некој кој знае како е да се биде без вода и струја, или во страв дека некој ќе затропа на врата во било кој момент, не можам да го сватам изборот кој го прават овие млади жени! Како вистинска исламска верничка и активистка за човекови права, јас побеснувам поради фактот дека тие наивни жени прифаќаат и уште полошо, заговараат бруталност и дивјаштво кое го прават терористите. И уште повеќе, ги величаат како верници кои го почитуваат шеријатското право, наведува таа во „Магазинот“ на Би-Би-Си.

Худа Џавади ја забележува и целата противречност на животот во канџите на ИД. Од една страна милитантите заговараат враќање, како што го замислуваат тие, на традиционално и чисто т.е. халал живеење, исчистено од сите загадувања на модерниот свет, но не се воздржуваат од користење на смартфони, Твитер, Фејсбук. И сугурна е дека не е единствена која го гледа тоа лицемерие.

Со девојките кои бегаат од Британија, а таму се родени и пораснати, Худа на некое ниво може и да се поистовети. Таа ја дели нивната искрена желба да ја направат вистинската работа и да живеат живот во кој се даваш себеси за општо добро. Ја дели и нивната желба повеќе да дознаат за тоа од каде се и каде можат подобро да се вклопат.

Се согласува со нивното незадоволство кое е предизвикано од медиумското прикажување на исламот и муслиманите како генетски насилни. Ги дели нивните фрустрации од предрасудите кон исламот т.е. автоматско непочитување на другите само затоа што си муслиман. Или затоа што си жена, муслиманка, на која чудно гледаат, како во пошироката јавност или во другите верски заедници. Худа ја дели и желбата на младите девојки да научат нешто и да ја намалат својата конфузија за исламот.

Исто како и тие млади жени, кои се врбувани, најчесто преку социјалните мрежи, и Худа искрено верува во бога, правда и еднаквост на сите општествени заедници. Сака да се грижи за сиромашните или болните, да бара најдобри и најправедни решенија на проблемите и за луѓето и за животните.

Работејќи во Центарот за борба против насилство во семејството, Худа Џавади се сретнала со дилеми во врска со нееднаквоста на половите. Често се прашувала зошто насилството над жените или присилувањето на брак, се толкува како природно право на мажите над жените.

Според учењето на исламската религија, се прашува зошто движењето на жените во надворешниот свет е толку ограничено, зошто женско дете може да наследи само половина од тоа што го наследува машкиот потомок?

На сето тоа добивала секогаш ист одговор: „Тоа е божја волја, запишана во светите книги!“.

Плашејќи се дека тоа навистина и ќе го најде запишано во Куранот, Худа никогаш не се обидела да ја отвори таа книга. Но…

– Со тек на времето, благодарение на работата во здружението со мојот колега Јусуф, целосно го променив односот кон бога. Тоа возбудливо искуство на преиспитување и размислување ми овозможи мој директен и непосреден разговор со бога, вели Худа Џавари.

Неколку години откако го почнала својот нов однос со бога, Худа почнала да работи во секуларен Центар за жртви на семејно насилство, со жени од сите етнички, расни, образовни, економски и верски слоеви и потекло.

Сфатила дека насилството не дискриминира, дека не му е важно дали сте млад или стар, верник или атеист. Важно е само да си жена.

Но, многу од тие жртви токму со религијата ги идентификувале своите маки. Некои зборувале дека ТОЈ има право да ја тепа, други мислеле дека тоа е некое божјо искушение, или дури казна!

Исто како и жените жртви на насилство и невестите на џихадистите се индоктринирани и ранливи.

Тие копнеат за простор каде нивниот религиски индентитет е добредојден, каде се доживуваат како составен дел од општеството, бидејќи се повикани заедно да го градат. Тоа што се работи за воспоставување на Калифат, кој се темели на нетолеранција и неписменост, кој гради свет во кој права имаат само мажите како неприкосновени господари, тоа овие девојки во својата занесеност не го гледаат веднаш.

Можеби токму во нивното барање исламистите успеваат да понудат наводно решение. Многу од тие жени најверојатно ќе сфатат дека се во заблуда дури откако ќе биде доцна.

Радио Слободна Европа – Прага

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top