| четврток, 6 декември 2018 |

Пробиени 80 проценти од делницата Миладиновци – Штип (фотогалерија)

Пробиени се 80 отсто од делницата Миладиновци – Штип. Вкупната должина изнесува 47 километри. Почетокот на изградбата почна во мај 2014 година и истиот предвидено е да биде завршен до септември 2017 година. Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски денеска ги посети градежните работници кои работат на овој пат.

– Моментално се пробиени 80 проценти од трасата. Динамиката е запазена. Имавме многу проблеми со врнежите и снеговите, но во моментов добро се одвиваат градежните активности и очекувам во летниот период да се зголемува динамиката, истакна Мисајловски по посетата на потегот кај селото Средно Коњаре.

На оваа делница се работи на земјeни работи, пропусти, косини. Земјeните работи се извршени 30 проценти. 17 цевкасти и плочасти пропусти се комплетно завршени. Се работи на 35 цевкасти и плочести пропусти од вкупно 112. Се работи на бетонирање на 3 мостови, 8 премини над патот, 4 премини под патот и 4 вијадукта. Вкупниот прогрес на градежните работи изнесува 14 проценти. Моментно на оваа делница работат 500 градежници.
Министерот нагласи дека изградбата на автопатиштата во Македонија претставува инвестициски бум во државата. Информира дека паралелно се работи на делниците Кичево – Охрид каде работат 900 работници, Демир Капија – Смоквица 700 работници, 100 на Велес -Катланово како и на 46 локални правци.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Александар Стојанов информира дека на делницата Миладиновци – Штип се работи на сите седум надвозници како и на исто толку клучки, како и дека се завршени сите потпорни ѕидови. Според Стојанов изградбата на автопатот ќе завршат во предвидениот рок.

Во тек е изградба и рехабилитација на четири регионални и магистрални делници и тоа на патот Маврови Анови – Маврово, Скопје – Сончев Град и Опае – Бељаковце – Станчиќ – граница со Косово, како и изградба на патот Велес – Кадрифаково. Вкупната должина на овие делници изнесува 52 километри.
Во моментов работат 2.200 лица на вкупно 230 километри патна инфраструктура од кои 130 километри се автопатишта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top