| четврток, 6 декември 2018 |

Д-р Зафировиќ: Главната активност на кампањата „Еуромеланома 2015“ се бесплатните прегледи на дамките на кожата

Македонија стана дел од големото европско семејство на паневропската кампања за спречување на ракот на кожата во 2010 година и преку Здружението на дерматовенеролози на Македонија шести пат по ред се спроведува кампањата за спречување на ракот на кожата. Доктор Зорица Зафировиќ е координатор на кампањата и претставник на Македонија во „Еуромеланома“. Главната активност на кампањата „Еуромеланома 2015“ се бесплатните прегледи на дамките на кожата во јавни и приватни дерматолошки институции низ Република Македонија кои што покажале интерес да се вклучат во кампањата.

Почна кампањата за спречување на ракот на кожата, за каква точно кампања станува збор, од каде потекна иницијативата и која година по ред се спроведува?

Д-р Зафировиќ: Хипократ пред многу векови тврдеше дека е подобро да се спречи отколку да се лечи. Еуромеланома се обидува токму во тоа со својата основна функција. Како кампањата на европско ниво која што се занимава со превенција од ракот на кожата, се обидува да овозможи и да ги направи достапни информациите за превенција, рана дијагноза и третман на ракот на кожата. Македонија стана дел од големото европско семејство на паневропската кампања за спречување на ракот на кожата во 2010 година и преку Здружението на дерматовенеролози на Македонија шести пат по ред ја спроведуваме кампањата.

Какви активности спроведувате оваа година?

Д-р Зафировиќ: Секоја година во координација со европската платформа Здружението на дерматовенеролози на Македонија спроведува активности кои што се во насока на едукација и информирање на јавноста. Оваа година европската кампања за борба против ракот на кожата ќе се одвива под мотото „Ракот на кожата може да се види! Препознај го рано и може да се излекува!“ и ќе се спроведе здравствено-превентивната кампања за подигнување на јавната свест во борбата против ракот на кожата од 1-3 јуни 2015 година. Главната активност на кампањата ЕУРОМЕЛАНОМА 2015 се бесплатните прегледи на дамките на кожата во јавни и приватни дерматолошки институции низ Република Македонија кои што покажале интерес да се вклучат во кампањата.

Комплетна листа на државни и приватни дерматолошки институции кои учествуваат во Еуромеланома Македонија 2015 е достапна на официјалната страна на кампањата http://www.euromelanoma.org/macedonia

И оваа година ќе се фокусираме на информирање и подигнување на јавната свест за борба против ракот на кожата, со акцент на најсмртоносниот карцином на кожата како потенцијално излечив, промовирање на превенцијата, раното откривање и лекување на сите видови рак на кожа, со посебен акцент на меланом, информирање за факторите на ризик, клиничките знаци и симптоми на меланомот и другите карциноми на кожа (познавање на поим рак на кожа), зголемување на јавната свест за опасностите од прекумерната експозицијата   на сонце и солариуми и запознавање со правилните начини за заштита од штетното дејство на сонцето и солариумите.

Какви се европските бројки наспроти состојбите во Македонија?

Д-р Зафировиќ: Ракот на кожата претставува приоритетен глобален јавно здравствен проблем и инциденцата во светски рамки продолжува да расте. Според Светската здравствена организација меѓу два и три милиони луѓе годишно заболуваат од некоја форма на рак на кожа, од кои 132.000 од најмалигниот меѓу нив меланом, од кој што 41.000 годишно пациенти умираат. Во зависност од географската област, бројот на нови случаи во светот расте меѓу 3 и 7 проценти годишно. Во Европа годишно се дијагностицираат околу 60.000 луѓе со меланом. Мониторингот на инциденцата и морталитетот од рак на кожа, со податоците од Националниот регистер за рак на Република Македонија, покажува сигнификантно зголемување на меланом на кожа во нашата земја.

unnamed (1)

Колку Македонците се свесни за меланомот?

Д-р Зафировиќ: Покрај фактот што претставува единствен карцином кој може да се открие со голо око, односно да се дијагностицира во рана фаза на развој, посебно загрижува тоа што меланомот и другите кожни карциноми често се откриваат во напредната фаза на развој кога шансите за излекување се помали, па затоа поттикнувањето на едукација за оваа болест кај општата популација е од исклучително значење. Кај нас свесноста за првичните појави на ова заболување,  заканите како и за опасноста од прекумерното УВ зрачење за жал е се уште ниска и затоа е потребна едукација со информирање и подигнување на јавната свест. Ова оди во насока дека според последните истражувања постојат евидентни докази дека УВ зраци предизвикуваат долгорочно оштетување на кожата.

На кој начин може да се превенира?

Д-р Зафировиќ: Карциномите на кожата може да се превенираат. Раната детекција посебно се однесува на најмалигниот и животозагрозувачки карцином на кожа, меланом, кој има потенцијал за метастазирање. Основна е контролата на постоечките невуси (бемки). Периодичен самопреглед на кожата од страна на пациентот и дерматолошки преглед на секоја сомнителна пигментна промена на кожата треба да претставува стандардна постапка. Контролата треба да ја прави дерматолог, кој е компетентен да процени дали е бемката безопасна или сомнителна за меланом со користење на дијагностички методи. Од голема важност е подигнување на јавната свест за заштита на кожата од неконтролираното изложување на ултравиолетовото зрачење од сонцето и други вештачки извори на УВ зраци, како солариуми кои го зголемуваат ризикот за развој на ракот на кожата.

Кои се симптомите за појава на ова заболување?

Д-р Зафировиќ: Меланомот често не се препознава на прв поглед бидејќи тешко се разликува од обичните бемки или другите бенигни тумори. За поставување на рана дијагноза се користи правилото А-B-C-D-E. Промената е сомнителна ако е асиметрична (А) нема јасни граници (B) ако се менува бојата (C) и ако пречникот е поголем од 6 мм (D). Еволуција (Е), (исто така – елевација) како што се промена на боја, големина, облик, површина и симптоми како што се јадеж или крварење се главни знаци за малигнитет. Појава на нови промени на здрава кожа кај индивидуи постари од 40 години, исто така се сметаат за сомнителни и во тој случај треба да се консултира дерматолог.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top