| четврток, 6 декември 2018 |

Немаме елита, имаме олигархија

oligarchy

Според мислењето на социлогот Јово Бакиќ, во Србија пред се се работи за олигархија а не за елита. – Олигархискиот систем е воспоставен уште во претходните влади, а се случи само квалитативна промена во тоа што политичкиот лидер сака да биде на чело на олигархијата. Претходно политичките лидери беа само еден нејзин дел. Александар Вучиќ е на чело на олигархијата, а олигарсите доаѓаат кај него, да не завршат на суд или во затвор. Денес морате да му се умилкувате на командантот на олигархијата за да добиете парче од колачот. И тоа е единствената промена која се случи во 2012 година, вели Бакиќ.

Владимир Вулетиќ смета дека во прилично хаотичната состојба во Србија всушност има системи. – Ако ја гледаме позицијата на политичката елита со центарот во ликот на Александар Вучиќ, тие преземаа две непопуларни задачи: едната е Косово, другата е приватизацијата. Милошевиќ повеќе од една деценија владееше застапувајќи контрапозиција, од една страна националистичката, од друга социјалистичката. Луѓето не се променија многу за овие десет години, но сличното гласачко тело кое гласаше за Милошевиќ денес гласа за Вучиќ. Но, имате состојба во која нема сериозни емисии во кои би се зборувало за сериозни општествени прашања, а се друго не е дури ни медиумска манипулација, туку некој огномет кој служи за заглупавување на јавното мислење, на луѓето да не им падне на памет да постават важни прашања., смета Вулетиќ

ЕЛИТНИ МЕДИУМИ

Повод за анализа на медиумската слика во Србија, бидејќи и медиумите несомнено ја основаат или ја прават општествената елита, беше случајот со таблоидот „Информер“ и скандалот на насловната страна на која беа објавени порнографски снимки. Уредникот на „Информер“ Драган Ј. Вуќичевиќ и се извини на јавноста поради лажните тврдења дека на снимките е неодамна избраната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ.

Потенцирајќи дека „Информер“ е интересен весник, бидејќи во една прилика во него беше објавено целосно измислено интервју со Јово Бакиќ, овој социолог истакнува дека, според него, целата медиумска сцена е всушност едно огромно ѓубриште кое се ѓубри од Владата на Србија. – Во таа смисла, „Информер“ не вреди за никакво внимание, освен како спроводник на примитивизам од највисок ранг, вели Бакиќ.

Кога станува збор за основање на елитите, социолозите се согласуваат дека главно влијание има изборот на кадри. – Моите први судири во академската заедница беа поврзани за кадровските прашања, дали ќе дојде овој или оној асистент, а тоа беше одамна, вели Вулетиќ. – Зад тоа стои очекување дека избраниот ќе биде лојален. Значи, тоа очекување на лојалност, а не на квалитет, е верување дека моќта ви обезбедува тоа што некаде ќе поставите свој, а не стручен човек, додава тој.

Вулетиќ смета дека друг дел на приказната е и тоа што сме мала заедница, па ги штитиме своите до последен, а кога некој ќе укаже дека тоа е проблем, го игнорираме.

ИНТЕЛЕКТУАЛНА И ОПШТЕСТВЕНА ЕЛИТА

Кога станува збор за елитите, во нив секако спаѓа и интелектуалната, т.е. академската елита.

Двајцата социолози доаѓаат од академска средина, но преку колумни кои ги пишуваат за дневните весници се присутни и во пошироката јавност.

– Ако човек сака да придонесе на јавноста, има обврска своето знаење да го стави на увид, на служба на јавноста, Тоа е обврска на интелектуалците. Интелектуалец е човек кој завршил некое училиште и се бави со прашања од општ интерес. Има обврска да го каже тоа што го мисли и како дошол до тоа, а потоа јавноста има целосна слобода да оцени дали зад тоа сепак постои некој интерес или не, вели Бакиќ.

И по долготрајното инсистирање на јавноста од Воено-безбедносната агенција не може да се добие одговор што се случи во судирот меѓу Андреја Вучиќ и полицијата, министерот за одбрана изјави дека нема да му одговори, бидејќи прашањето е смешно.

Пратеникот на Српската напредна партија (СНС) Владимир Ѓукановиќ на ТВ Коперникус зборува за омбудсманот како за некоја битанга, човекот го озборува најодвратно. И цело време се провлекува тезата: кој е тој да ја праша нешто Воената безбедност. Тоа формирање на став дека заштитникот на граѓаните не смее ништо да ја праша ВБА е опасно.

Според мислењето на Јово Бакиќ, тоа го покажува односот на извршната власт кон независните институции кои се основани како застапници на јавноста. – Тоа се тела кои служат за превенција на злоупотреба на власта. За жал, луѓето во извршната власт не го сфаќаат значењето на тие институции или можеби многу добро го сфаќаат, па тоа им е непријател, па му ја наведуваат платата. Но, неговата плата е заслужена. Тој е добро платен токму поради тоа, власта или друга моќ да не можат да го корумпираат, вели Бакиќ.

МОИ И ТВОИ ТАЈКУНИ

Кога станува збор за стопанската елита, се забележува дека тука транзицијата трае 25 години и со секоја промена на власта доаѓа до стремеж моите тајкуни да ги сменат твоите тајкуни. Сега го имаме Вучиќ, кој популарноста ја стекна поради борбата против тајкуните и му се чини дека секое откривање на афера околу неговите тајкуни може да ја загрози неговата позиција на Робин Худ.

Јово Бакиќ го објасни механизмот на она што според него е олигархија со конкретен пример. – Од 1992 до 1993 кога се случи основање на олигархијата, тука помалку или повеќе владее еден континуитет. Вучиќ навистина воведе одредени промени, но на вербален, а не на суштински план. На пример, неговиот кум или барем медиумите тврдат дека му е кум, Никола Петровиќ претходно не беше ни важен ни моќен, но сега стана тоа. Тој всушност се надоврза на нешто што постоеше порано во 2011 година, влезе во кругот на луѓе кои се збогатија со криминалот во „Енергопроект“, вели Бакиќ.

А во 2012 година, пред изборите, Вучиќ потпиша договор со малите акционери на „Енергопроект“ дека меѓусебно ќе се поддржуваат. Значи, се потпишува договор со луѓе кои се во судир со тие кои крадеа од „Енергопроект“. За време на предизборната кампања тој договор се почитува. По изборите, тој на тоа заборави. Значи, Петровиќ во 2011 година стана близок на тим на луѓе кои крадеа од „Енергопроект“. Некои од нив имаат кривични пријави, а меѓу нив е и Драган Клисура. Човекот е автомеханичар, го ценам бидејќи не ја купил својата диплома.

Тој станува сопственик на фирма која ја имаше Никола Петровиќ, бидејќи самиот преминува во „Електромонтажа“.

Бакиќ смета дека на овој пример најдобро се гледа како изгледа технологијата на власт која се одржува со пријателски, братски и другарски механизми, со помош на свои луѓе.

Според Вулетиќ, процесот на создавање на стопанската елита почнал со конверзија на политичката во економска моќ. – Ние гледаме дека денес луѓето кои се на клучни позиции потекнуваат од тој период. Но не се менуваат со промената на власта само стопанските елити, туку доаѓа до смена на сите гарнитури кои можат многу да влијаат на репродукцијата на системот, по другарски принцип. Ако ние навистина имаме елита, секоја промена на власта би ги задржала најголемите делови од тие гарнитури, а би биле заменети само неколку луѓе, вели Вулетиќ.

Вулетиќ смета дека цела денешна капиталистичка класа настанала од тие кои ја презеле контролата над богатствата од периодот на социјализмот и дека Вучиќ тука не направил никаков пресврт.

– Проблемот е што тој во кампањата ветуваше дека ќе прекине со таа пракса, но секој ден се зголемуваат доказите дека се продолжува со таа пракса и дека таа расте, смета Бакиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top