Македонските граѓани во само десет дена преживеаја потреси кои, веројатно, би довеле до лудило многу поголеми држави. Веројатно, граѓаните во ова „земјотресно“ подрачје научиле да селектираат, да ги прочистуваат информациите и вистински да ги читаат пораките, како дел од системот на самозаштита на здравиот разум.
Доколку некој го смета ова за претерување, следува набројување на случувањата од 9 мај во следните десетина дена.
Осуммина загинати полицајци во целодневна акција против терористичка група во Куманово
Професионалниот информативен молк на институциите за тоа што се случува во кумановската населба им отвори можност на тие што сакаа да протнат информации од терен за цивилни жртви, прекумерна сила, па и фингиран судир. Таквата ситуација од прва рака почна да се пренесува од балканските медиуми, кои се надоврзаа и со препораки „да се избегнува Македонија“ дури и за пропатување кон и од Грција. Медиумите блиски до Сорос и до СДСМ со тие информации од интернет ја користеа веќе зовриената атмосфера по насилните протести против наводната „полициска бруталност“, во кои беа повредени десетици полициски службеници. Секако, протестите не сопреа.
Фотографиите на Заев во Куманово во деновите на жалост
Додека Македонија ги оплакуваше загинатите бранители, началството на Зоран Заев се втури во кумановското маало во чиишто тесни улички се водеа борбите. На асфалтот каде што се пролеа крвта на осуммина полицајци, Заев се сликаше насмеан од уво до уво, притоа држејќи два прста во воздух. Викторија, но не за него, туку за тие што по јавно искажаната поддршка на терористичката банда, ја искористија можноста да се фотографираат со човек кој претендира да биде на чело на државата. Натамошните случувања се тесноповрзани со оваа посета.
Собири за поддршка на полицијата
Акција и реакција. По нападите врз полицијата од опозицијата и по фотографиите на насмеаниот Заев, над 70 илјади граѓани се собраа да им оддадат признание на жртвите на безбедносните сили. Не само во Скопје, туку во 23 града мирно и достоинствено се сплотија граѓани на плоштадите и пред полициските станици.
Три оставки до владиниот кабинет
Во меѓувреме, како резултат на дипломатските активности за надминување на кризата, до владиниот кабинет беа поднесени три оставки. Во време на потреси и најави од регионалните албански лидери за реафирмирање на големоалбанската идеја, како и други регионални апетити, оставки поднесоа министерката за внатрешни работи и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање. Изнудени оставки на двајцата челни луѓе во турбулентен период кога државата се справува со неколку безбедносни феномени – насилни протести, големоалбански екстремизам, борба со транснационалниот екстремизам поврзан и со војните каде што учествувале терористите кои запоседнаа дел од Куманово, потоа случајот „Пуч“ во кој е прислушуван државно-политичкиот врв на земјата. Оставка поднесе и Миле Јанакиески, чиешто Министерство за транспорт и врски е директно одговорно за најопсежниот инвестициски зафат во инфраструктурата во поновата историја на државата.
Соросов протест за уривање на Владата – СДСМ поткрепен со големоалбанскиот фолклор
Протестите најавувани од СДСМ за деветти мај, календарски преместени за друг ден уште пред акцијата во Куманово, наводно се претворија во протести на Соросовите здруженија и на СДСМ. „Наднационалниот“ фолклор на протестите, како што се обидуваа да го прикажат организаторите, прерасна во протест на кој јавно беа покажувани и славени ознаките на Призренската лига, Голема Албанија, симболите на воените групации на лидерите на терористите од Куманово. Зар има потреба од наведување на значењата прво на таков протест проследен со музика и скандирања, речиси една недела откако осуммина бранители загинаа, големоалбански фолклор, пред објектот на Владата на РМ? Разумот, сепак, надвладеа и сѐ мина без инциденти, иако по насилните протести десетина дена претходно и кумановската акција, ваков собир оставаше голем простор за дополнителни безбедносни ризици, особено поради иконографијата и пораките испратени од говорница.
Кампување пред Владата, демонстранти затворија централен булевар
Како што беше најавувано, дел од опозициските демонстранти останаа на булеварот, да кампуваат „до исполнувањето“ на идејата на Заев за уривање на власта преку насилство. Напнатоста остана на улица иако сѐ е навидум мирно. Сепак, не се исклучува дека долготрајното останување на улица, без притоа никаков сигнал дека нешто ќе се помести на политичкиот терен, остава можност за слевање револт кон објектот на Владата или, пак, кон граѓаните кои живеат во непосредна близина. Разбирливи се бурните реакции на жителите кон „новите соседи“ во шаторите поради метежот што го надополнува вревата од постојаната „програма“ преку поставените разгласи. Не може да се исклучи и вметнувањето злонамерни подбуцнувачи кои во секое време можат да ја зовријат состојбата.
Пораки со отворени апетити од Косово, Албанија
Настапите на албанските лидери неколку дена претходно, за интеграција на „албанските територии“, како и реакциите што следуваа од Косово за членовите на терористичката дружина, секако не се случувања што не ги допираат граѓаните во Македонија. Кон тоа придонесуваа и медиумите кои пренесуваа изјави за тоа како терористите се „херои кои се бореле за албанскиот народ“; онака како што беа пречекани нивните останки на Косово деновиве. Не може да се одвои и притисокот што го најави Албанија за наводни идни препреки кон евроинтеграциите.
(Не)дипломатски изјави и оценки за стабилноста на Македонија – Бугарија најави војска на границата
Однесувањето на одредени странски претставници периодов премина преку секаква дипломатска рамка или воспоставен кодекс на однесување. Опозицијата, и покрај сите предупредувања да не ја отвора таа врата, повторно главен збор им даде на поранешни амбасадори – свои отворени поддржувачи, како Ирецот Фуере или Холанѓанката Филипини, но потреба од ракавици веќе не гледаат ниту европратеници кои дојдоа да држат говори на опозициски митинг за уривање на „режимот“. Ако присуството на претставник од европските сестрински партии на партиски митинг може да биде разбрано како поддршка, настапувањето на сцена на поранешниот бугарски премиер (кој инаку остана без имунитет поради „губење доверливи информации“ и низа корупциски скандали) не може да се гледа надвор од мешање во внатрешните работи на туѓа држава. Кон намерата да креира впечаток кај јавноста, СДСМ најави и низа актуелни звучни политички имиња кои наводно потврдиле присуство на нивниот митинг. Меѓу тие звучни имиња кои ги најавуваа беше и актуелниот бугарски премиер, кој, патем, изјави дека распоредува војски кон Македонија за да си ги спаси илјадниците Бугари.
Огромен митинг за поддршка на ВМРО-ДПМНЕ
Веќе следниот ден се одржа најмасовниот митинг на една политичка партија. ВМРО- ДПМНЕ повика, а над 90 илјади граѓани се одзваа на народниот собир под мотото „За Македонија силна“. Мотото ги сплоти на едно место сите што ги увидоа политичките манипулации, насилствата, отворените аспирации и закани, мешањето во внатрешните работи од страна, тероризмот, па и медиумските манипулации. Отворено се реафирмираше поддршката за партијата на власт дадена и на последните избори. Пораката испратена од тој собир ги подзамисли и тие што сметаа дека Македонија е „лесен залак“. Залудни беа обидите на Соросовите медиуми за минимизирање на бројноста на присутните на митингот и за наводите дека тие биле „насила довлечени“. Коментар за оценката на „едикојси“ известувач од таборот на Филипини дека „не се чувствувал пријатно“ на собирот, не е потребен.
Камперски шатори спроти парламентот на чуварите на демократијата
Секако дека се очекуваше дел од тие што дојдоа со поддршка за „Македонија силна“, дека ќе останат да кампуваат, овој пат спроти парламентот. Теренот на чуварите на демократијата сега е отворен дебатен клуб во центарот на градот. По теркот на „камперите пред Влада“. Разликата е во тоа што не е блокиран сообраќај, ниту, пак, го попречуваат секојдневниот живот на граѓаните. Но, и овој камп не е изолирани од тие што се обидуваат да исценираат неволји, како влетувањето со автомобил неодамна.
Лидерски средби во Скопје
Лидерските средби не се новина во Македонија, каде што политичкиот дијалог, наместо во парламентот, се води најчесто во Клубот на пратеници. Иако и досега се укажуваше (дури и од меѓународната заедница) дека таквите собири на „големата четворка“ ги става пратениците и граѓаните во незавидна положба, и овој пат на лидерската кумуваа амбасадори. Максималистичките барања на СДСМ за отстапување на премиерот и техничка влада не е ништо друго туку продолжена рака на насилното уривање на демократскиот систем во државата. Сепак, секоја нова средба завршува со најава за следна и без никаков заклучок, што дополнително создава напрегнатост меѓу граѓаните.
Лидерски средби во Стразбур – посредници од европратениците
Кога нема договор во Скопје, европратениците ги повикаа Груевски и Заев во Стразбур за да помогнат да се најде решение за кризата. По десет часа молк, стигна информација дека „разговорите биле искрени“, но и дека делегациите излегле од две различни врати на институцијата. Вмешаноста на меѓународните посредници дополнително го подгрева пулсот на граѓаните. Додека едниот од нив, левоориентираниот Ховит, отворено застана на протестот на Сорос и на СДСМ со веќе опишаната сценографија, на која повторно се упатуваа паушални, но опасни оценки дека полицијата била искористена како „топовско месо“, Иво Вајгл нагласува дека зад терористичката група во Куманово стојат џихадот и Голема Албанија.
Медиумски шпекулации и напади врз новинари
Медиумите овие десетина дена, и домашни и странски, одиграа на картата на објавување и пренесување најразлични непроверени информации, особено околу кумановската престрелка, што внесе дополнителен немир кај граѓаните. Различните шпекулации – од тоа дека работата била „фингерајка“ до тоа дека Србија ја затворила границата или дека српски, па и американски војници се справувале со терористите – воопшто не беа точни. Тоа што настрада најмногу тие денови беше вистината. Новинарите станаа цел на напади и од партиските штабови на опозицијата, каде што подолго време се тероризираат претставници на определени медиуми. Нетрпеливоста се префрли на терен, па беше нападната екипа на ТВ „Сител“, па следуваа напади и врз други новинари и екипи.
Пресметки меѓу Истокот и Западот
Додека Бојко Борисов од позиција премиер на стаклени нозе од Софија распоредуваше војска за одбрана на Бугарите во Македонија, Еди Рама најавуваше вето на македонските евроатлантски интеграции, Косово ги дочека телата на терористите со почести како херои. Со разни анализи, но и шпекулации се надоврзуваа и регионални аналитичари, па и државници од големите сили. Така, прашања за Македонија се поставуваат на редовните прес- конференции во Стејт департментот во Вашингтон, а интерес за случувањата појави и Москва.
Дури и вака подредени, сепак испреплетени, сите случувања во само десетина дена се премногу за една држава. Затоа и треба да им се оддаде признание на граѓаните на Република Македонија. Пред сѐ, за задржаната трезвеност во клучните моменти. Трезвеност која недостига при многу помали потреси во многу поголеми држави.
Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 143. број на неделникот „Република“, 29.05.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст