Илјадници муслимански верници во неделата пред знаменитата Аја Софија, монументалната базилика во турската метропола Истанбул се молеа овој храм кој во 1930-те стана музеј, повторно да биде претворена во џамија.
Традиционалното капење и утринската молитва следеше ден откако што владата организираше големи прослави низ цел Истанбул во спомен на падот на некогашен Цариград, а на кои учествуваа и претседателот Реџеп Тајип Ердоган и премиерот Ахмет Давутоглу. Прославите беа организирани една седмица пред одржувањето на парламентарните избори во Турција, на 7-ми јуни.
Настанот, како што пренесуваат турските медиуми, го организирало Друштвото на младите од Анадолија во спомен на годишнината од падот на Константинопол во 1453 година, денешен Истанбул. Дотогаш Аја Софија, која се смета за ремекдело на византиската архитектура, била соборен храм на Византиското царство. Потоа храмот служел како џамија во Отоманското царство до 1934 година, кога Мустафа Кемал Ататурк, основачот на современата турска држава, ја претворил во музеј.
Меѓутоа, откако во 2002 година на власт дојде конзервативната исламистичка партија Правда и развој, постојано се лобира за тоа Аја Софија, којашто од 1985 година е ставена на листата светското културно наследство на УНЕСКО, повторно да биде претворена во џамија. Така, минатата недела неколку стотици лица во организација на неколку невладини организации во Турција, вклучително и Фондацијата за хуманитарна помош (IHH), одржаа митинг пред Аја Софија со кој бараа таа да биде претворена во џамија.
Ова прашање станува централен дел од културниот судир во Турција, поделена на оние кои сакаат да ги зачуваат придобивките од секуларната држава како што ја формирал Ататурк и оние кои сакаат да го зајакнат влијанието на исламот.
Главната христијанска светија во турската метропола соборниот храм Света Софија (Црквата на светата Мудрост) своевремено најголемиот храм во христијанскиот свет, е изградена во 537 година, а работите на неа се започнати во 532 година, во периодот од 1204 до 1261 година била претворена во католичка црква во текот на крстоносните војни, а потоа повторно седиште на Цариградската патријаршија, за по османлиското освојување на Мехмед Втори на Цариград во 1453 година да е претворена во џамија па потоа во музеј во 1934 година во времето на основачот на современа секуларна Турција, Мустафа Кемал Ататурк.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.