Многумина од нас се свесни дека човекот и наштетува на природата. Глетки од исчезнување на шуми, заклани животни или затруени реки, само потврдуваат дека односот на човекот кон природниот свет е се повеќе деструктивен, во добар дел благодарение на фактот што природата во нашата перцепција е лишена од таквите атрибути како што се свесност или волја, кои пак во нашата перцепција, евентуално може да се кандидира за влез во сферата на моралното, пишува „Елементариум“.
Сепак, тажната еколошка реалност, можеби повеќе од кога било, укажува на неопходност на основање на некои нови, помалку деструктивни и усогласени односи со природата.
ПРАВАТА НА ЖИВОТНИТЕ
Наспроти многуте филозофски или секојдневни референци на природата, овој поим остана некаде прилично недопирлив. Филозофската и научната традиција ја сфаќаа во широк распон, од провокативен израз и човечка конструкција, како што милуваат да кажат постомедрнистите, до непроменливи закони, во перспективата на физичарите.
Освен тоа, за природата долго се теоретизираше како за нешто хомогено, но дури во последните неколку децении, пред се благодарение на современите увиди од биологијата, пред се од етологијата и екологијата, филозофијата почна да се осврнува на некои нејзини посебни сегменти.
На почетокот, предмет на анализа главно беа животните, а постоеше стремеж кон воспоставување на етички однос кон нив. Водечките теоретичари за правата на животните како Питер Сингер, Том Реган и Марк Бекоф, ги искористија научните сознанија за чувствителноста и субјективноста како аргументи во прилог на неопходноста на етичко третирање на животните како фасцинантни, комплексни и социјални суштества, значи автономни индивидуи кои целосно се вредни за морален обзир од страна на луѓето.
Во прашање беше доведен стариот дуализам на луѓе и не-луѓе што отвори можност не-луѓето да бидат третирани како морални субјекти.
ДАЛИ И РАСТЕНИЈАТА ИМААТ ПРАВА?
И додека во меѓувреме етичките расправи за животните станаа дел од стандардните филозофски курсеви, истражувањата кои се однесуваат на моралниот статус на растенијата можеле да се избројат на прсти на една рака. Ако се согласиме дека ни целата историја западните филозофии за животните биле маргинализирани, тогаш за растенијата може да се каже дека останале на маргини на маргините, речиси во апсолутна темница, надвор од сите теориски текови, препуштени на ботаничарите, генетичарите и еколозите. Дури ни фактот дека 99 отсто од Земјината биомаса ја чинат билките, не беше доволно инспиративен за основање на една систематска филозофска ботаника.
Пионерскиот потфат од оваа област насловен Растенијата како личности: филозофска ботаника, е дело на младиот биолог, филозоф и политички теоретичар Метју Хал (1980) од австралискиот универзитет Монаш. Потпирајќи се на западната филозофска традиција, историјата на ботаниката, будизмот, паганската митологија и вродениот поглед на светот, Хал упати отворен предизвик до читателот да ги преиспита своите морални ставови кон растенијата.
Треба веднаш да се потенцира дека во овој ран обид за темелење на билната етика авторот не бара од читателот да се воздржи од конзумирање или од било каква друга употреба на растенијата, туку вистинскиот предизвик се гледа во повикот да ги третираме билките како интелигентни битија.
Авторот на Филозофска ботаника истакнува дека запознавањето со разни културно-филозофски перцепции на растителното царство е од круцијално значење за развивање на морален однос кон растенијата. Поставувајќи пред себе цел да се расветли позицијата на растенијата во различните човекови погледи на светот, Хајл анализирал често многу различни и спротивставени космологии, филозофии и метафизички системи кои со нив се бавеле на речиси експлицитен начин.
Посебно внимание и е посветено на анализата за исклученост, т.е. исклученоста на растенијата од доменот на моралните разгледувања. Идејата на авторот, како што истакнува, не е да издигне еден поглед на светот како најдобар, туку да истражи многу светогледи за да ги генерира идеите и стратегиите за посоодветно еколошко однесување во западниот свет.
АРИСТОТЕЛ И ТЕОФРАСТ
Првите три поглавја се бават со доследна маргинализација на билките, истакнувајќи ги во прв план доминантните поими на западните т.н. билни филозофии, како што се радикалната сепарација, зооцентризмот, исклучувањето на хиерархискиот поредок во животот. Повикувајќи се на Михаил Бахтин, Хал ваквиот пристап на животот го квалификува како монолошки став кој не препознава глас или присуство на друг. Низ многу примери објаснето е дека западната филозофска традиција со векови систематски го обезвреднувала значењето на билките со нивно сместување на крајот на природната хиерархија и со исклучување од сверата на етичките расправи.
Првото поглавје се бави со изградба на хиерархија во природата и дуалистичкиот третман на билките во античката филозофска традиција. Анализата почнува со Платон, кој билките ги дефинирал токму од една таква дуалистичка и зооцентрична перспектива, потенцирајќи дека тие постојат само да можат луѓето да располагаат со нив. Ваквиот пристап го поддржал и Аристотел во чија хиерархија, живиот свет на растенијата е на самиот крај, во целост лишена од сетилата и интелектот и дијаметрално различни од животните.
За разлика од Аристотел, неговиот ученик Теофраст на растенијата гледал како на автономни фактори, потенцирајќи ја нивната поврзаност со човекот. Неговиот поглед на животот на растенијата до некаде е сличен на пристапот каков може да се најде во грчката митологија и остатоците на паганската традиција ширум Европа. Наместо да ги гледа како пасивни битија лишени од сетилноста и интелигенцијата, билките ги карактеризирал како волни и умни битија, кои својата цел и желба да цветаат ја покажуваат низ изборот на животната средина и производството на семе и плодови.
Второто поглавје истражува некои од причините поради кои третманот на билките во западната традиција станал поблизок до Аристотеловите отколку до Теофрастовите ставови. Иако Теофраст извршил големо влијание на развојот на ботаниката, неговото филозофско учење немало голем број следбеници, што до некаде го објаснува исчезнувањето на Теофрастовиот увид и приматот на Аристотеловата хиерархиска и зооцентрична филозофска ботаника.
БИБЛИJА
Во третото поглавје продолжува расправата за хиерархијата, но овој пат за интерпретацијата на природата на билките во христијанските теолошки текстови и библиските записи. Библиските текстови исто така билките ги третираат како радикално поразлично од луѓето и животните. Во библиското создавање уште повеќе се потенцирани разликите и дисконтинуитетот меѓу билките и луѓето. Иако ги одликуваат карактеристики заеднички со сите живи битија, како што се растење, смрт, билките не се сметаат за живи.
Во христијанските теолошки текстови преовладува инструменталистички однос, темелен на корисноста на билките за човекот, а тие се наоѓаат на дното на хиерархијата на природниот свет произлезена од моралниот универзум. Подоцнежните теолози ја признавале живоста на билките, задржувајќи го притоа како доминантен инструменталистичкиот тон во интерпретацијата на односите меѓу човекот и растенијата.
ЏАИНИЗМОТ И БУДИЗМОТ
Темата на четвртото поглавје е хетерархијата или со бахтиновски речник, дијалог, став кој го препознава гласот на другиот. Ова поглавје воедно е и најдолго во книгата, бидејќи е осмислено како контрапункт на претходните поглавја, но истовремено и како вовед во остатокот од книгата. Авторот сега се свртува кон хиндуистичките извори со желба да покаже дека билките не мораат нужно да бидат предмет на хиерархиска сепарација. Во некои поважни хиндуистички записи билките се опишани како сосема живи битија со сопствени ментални атрибути, а во Упанашидите, преку приказ на реинкарнација на душите, онтолошки се поврзани со човечките и животинските светови.
Авторот укажал и на разликите во пристапот на џаинизмот и будизмот. Истакнува дека џаинистичката филозофија верно го одразува духот на хиндуистичките записи и дека преку доследно вклучување на интересите на не-луѓето во сферата на човековиот интерес како и потенцирањето на сличноста меѓу билките и животните претставува парадигматичен пример на една филозофија на ненасилство.
Од друга страна, укажано е дека, иако сама по себе не е хиерархиски структуирана, будистичката космологија во извесна мера ги привилегира животните, исклучувајќи ги билките од морални разгледувања, иако разликите во филозофските пристапи укажува, барем кога станува збор за односот кон билките, дека не може да се зборува за една единствена будистичка традиција.
Конкретно, авторот забележува дека во источноазиските будистички записи на билките им се приоѓа со поголема емпатија, што претставува експлицитно свртување од владејачката догма за нивната инфериорност.
РАСТЕНИЈАТА КАКО НАШИ ДАЛЕЧНИ РОДНИНИ
Во петото поглавје расправата се сели на тема за личноста, цветањето и сродството. Поаѓајќи од верувањето дека сите суштества се поврзани многумина сметаат дека билките се битија обдарени со свесност, интелигенција, волја и комуникативност. На нив се гледа како на суштетства кои можат да цветаат и да бидат повредени, иако секако различни од човечките битија. Нивната потреба и егзистенција се поинакви од потребите на луѓето, но меѓу нив нема радикално онтолошки јаз, нема ни зооцентричен дуализам, ниту билките се на крајот на некаква хиерархиска скала.
Билките се сметаат за роднини со кои не поврзуваат грижи и солидарност кои извираат од нашето коегзистирање во една иста природа. Ваквиот пристап обединет е со категоричниот став дека билките навистина се различни од луѓето, што најдобро се гледа на примерот на односот кон нивното уништување. За разлика од библискиот и античкиот став, тука потребата за уништување на билките не повлекува по себе негирање на нивното ропство. Значи, прифатливо е да се изеде некое суштество, но нанесената штета треба што повеќе да се намали, бидејќи се работи за нешто што ги дели сите атрибути на животот со нас.
Во шестото поглавје авторот подетално се бавел со некои древни пагански извори кои сведочат дека претхристијанските и преаристотеловските култури сите суштетства од биосферата ги препознавале како поврзани со супстанцијални сроднички врски. Билките во паганското гледање на светот се автономни, волни и комуникативни битија, а нивното сродство со луѓето е изразено во многу приказни, поеми и митови.
ДАЛИ БИЛКИТЕ СЕ ИНТЕЛИГЕНТИ?
Сепак, најинтересниот дел од Филозофска ботаника претставува седмото и последно поглавје, каде дознаваме дека припишувањето на својствата кои ја карактеризираат личноста на билките и потенцирањето на нивното сродство со човекот, не се исклучиво ограничени на доменот на религијата. Веќе на почетокот на 19-от век многу научни докази директно ја негирале идејата за хиерархија во природата. Дарвиновите рани експерименти со исклучително сензитивната билка, срамежлива мимоза (Mimosa pudica L.), како и истражувањата кои следеле потоа, го разнишале вреженото сфаќање дека билките се пасивни и нечувствителни суштетства.
Малку е познато дека Чарлс Дарвин пред крајот на животот, заедно со својот син Френсис, речиси во целост се посветил на изучување на билките и дека за нив објавил неколку обемни студии, кои послужиле како појдовна платформа, во почетокот на 21 век да се основа една нова биолошка дисциплина, билна сигнализација. Оваа нова и до некаде контроверзна научна дисциплина, која е главна тема во последното поглавје, посебно е интересна поради тоа што потенцира дека билките не се имуни на комуникација, внатре во своите тела или пак со битијата од својата околина.
Истакнатите претставници на ова учење, Ентони Тревавас, Франтишек Балушка и Стефано Манкузо, дури заговараат идеја дека билките всушност се интелигентни суштества. Во својот, може да се каже програмски текст „Mindless mastery“ објавен во 2001 година во списанието „Нејчр“, Тревавас аргументира дека растенијата се одликуваат со некои многу софистицирани аспекти на ментално однесување како што се препознавање и одлучување.
Освен тоа, некои современи научни истражувања откриле дека физиологијата на растенијата може да поддржи некои софистицирани ментални активности. Така по чуден сплет на околностите современата наука дошла до позицијата на џаинизмот и вродените верувања. Хал верува дека во рамките на западната култура со која доминира научниот поглед на светот, ваквите докази пружаат дополнителен кредибилитет на населението дека нашата перцепција и третманот на билките во основа се погрешни и неадекватни и дека поради тоа треба да се свртиме кон филозофските традиции кои кон растенијата се однесуваат на инклузивен, нехиерархиски и дијалошки начин.
Дури, заклучува авторот на Филозофската ботаника, ако го игнорираме акумулираното научно знаење и продолжиме да ги исклучуваме билките од морални разгледувања, тогаш кон нив би се однесувале неправедно, би ги третирале како многу понезначајни од што се и би ги уништувале без грижа на совеста, гледајќи ги како ништо повеќе од потенцијална дрвна граѓа, пилевина или гориво за нашите потреби…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст