| четврток, 6 декември 2018 |

Хрватските воени ветерани во судир со полицијата

Хрватските воени ветерани, кои од синоќа протестираат во центарот на Загреб, бидејќи сметаат дека им се загрозени правата и бараат оставка на ресорниот министер Предраг Матиќ, ја пробија полициската ограда, при што дојде до затегнување на ситуацијата околу Марковиот плоштад, јави ХРТ.

61086284-branitelji-kordon_2015529143740

Воените ветерани се судриле со полицајците и кон нив фрлале со факели, по што полицијата се повлекла. Тие ја урнале поставената ограда, повикувајќи некои од полицајците да ја откажат послушноста.

Демонстрантите синоќа полицијата ги растера од тој плоштад, бидејќи собирот не бил дозволен, по што тие се повлекле во околната црква. При претходниот обид да ја пробијат оградата биле спречени пред влезот на самиот плоштад.

Тие и натаму бараат прием кај премиерот Зоран Милановиќ, а ја одбија понудата на министерот Матиќ, кој пристигна меѓу нив, со премиерот да разговараат в понеделник.

Во Загреб пристигнаа и автобуси со воени ветерани од Славонски Брод, а пристигнуваат и воени ветерани од Осијек.

Претседателот на здружението на припадниците на специјалната полиција од времето на војната, Јосип Клем во емисија за Хрватското радио изјави дека бранителите, кои ноќта ја минаа во црквата Свети Марко стравуваат за својата безбедност, се под стрес и исцрпени.

Полиција синоќа на неколку пати се обидела да ги наговори бранители да излезат од црквата, а во еден момент дури и се обидела да влезе, но во тоа била спречена од свештениците.

Синоќа реагираше и претседателката Голинда Грабар Китаровиќ, која ги повика сите одговорни на пристапување кон дијалог и заедничко решавање на отворените прашања и додаде дека се обидува да стапи во контакт со Милановиќ.

Поранешните претседатели на Хрватска, Стипе Месиќ и Иво Јосиповиќ изјавија дека ова е обид за сериозна дестабилизација на државата, па дури и обид за државен удар, како и дека се во рацете на премиерот.

Месиќ наведе дека проблемот со бранителите кои протеситаат подолго од седум месеци требал да се реши на почетокот.

– Тоа мораше да кулминира. Бранителите ја одбранија Хрватска. Тие ги бранеа институциите на хрватската држава и овозможија тие да се воспостават. Проблемот не е решен на почетокот и што се одолговлекува неговото решавање тоа мора да кулминира, посочи Месиќ, додавајќи дека ова е обид за државен удар.

Јосиповиќ оцени дека станува збор за сериозна дестабилизација на земјата.

Тој наведе дека Милановиќ мора да отпочне дијалог со бранителите и дека тоа е единствен начин за решавање на проблемот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top