Според неофицијалните податоци околу 7.000 Македонци живеат и работат во Емиратите, а само 5.000 се во Дубаи. Најмногу работат како келнерки, шанкери, собарки, продавачки. Но, и покрај примамливите плати, кои во Македонија ни на сон не можат да ги заработат, и покрај сјајот на луксузот и богатството и можностите кои се нудат тука, не е се како што изгледа или како што велат “Не е злато, се што сјае” пишува Вечер.
Во последните неколку години, растечки тренд е се повеќе Македонки, а и Македонци да одат на работа како стјуардеси во Емирати Ерлајнс и во Катар Ервеис. Тоа за многу од нив е работа од соништата, бидејќи имаат можност да го видат светот и да заработат пари за неколку години.
За Вечер 28 годишна македонка објаснува дека условите се одлични, платата е од саат, односно колку ќе работиш, толку ќе заработиш.
– Има основна плата од 1.100 евра плус саатница на летање која се движи од минимум 1.000 евра па нагоре, а ако имаш убав месец може да стигнеш и до плата од повеќе од 3.000 евра. Тука имаме и многу други поволности, а тоа е што не плаќаме кирија за сместување, бидејќи живееме во станови кои се во сопственост на компанијата, а не плаќаме ни сметки, ниту други трошоци за одржување, што значи дека платата цела останува за тебе, вели таа.
Дубаи има многу лоши страни, објаснува стјуардесата, тоа пред се се високите цени, начинот на управување, ригорозните правила на однесување и класната поделба. Каква боја на кожа имаш, таква плата ќе добиеш. Колку си побел, толку повеќе вратите се отворени за тебе. Сепак, правилата во арапските земји се многу строги, посебно за странци, а ако не ти се допаѓа нешто или мислиш дека ти е скратено некое право тогаш само ќе ти го дадат пасошот и ќе те вратат таму од каде што си дошол.
Тука никогаш не можеш да добиеш државјанство ако си странец, дури и ако си роден и ако цел живот живееш тука, секогаш ќе си посетител, објаснува таа Како негативна особина на Дубаи се неподносливите температури кои во летниот период достигнуваат и над 50 степени, а како една од позитивните работи го истакнува високиот степен на безбедност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.