| четврток, 6 декември 2018 |

Чешка: Сменет министерот за образование поради мобинг

Чешкиот премиер Бохуслав Соботка наредните денови ќе предложи разрешување на министерот за образование Марцел Хладек заради наводен мобинг врз подредените во Министерството.

sobotkaB

Предлогот за разрешување доаѓа по текстот кој го објави дневниот весник Млада Фронта Днес (МФД) во кој информираше дека за 16 месеци откако Хладек го води Министерството за образование 9 жени дале отказ, а десетата побарала неплатено отсуство.

Весникот објави изјави на вработени кои тврдат дека министерот употребувал навредливи зборови кон нив.

– Си заминав и поради неговите коментари. Ми велеше дури и дека изгледам „вкусно” и тоа пред други луѓе што мене ми пречеше, ја цитира весникот поранешната асистентка Анета Лачевова, која со министерот подолго време соработувала и пред да стапи на функцијата.

Соботка до медиумите испрати соопштение во кое вели дека Хладек е еден од најдобрите министри за образование во последните десет години, но не може да ги занемари информациите кои ги објави медиумот.

Соботка додаде дека иако МФД не може да се смета за независен медиум бидејќи е во сопственост на претседателот на движењето АНО и министер за финансии Андреј Бабиш, сепак по такви информации не може функционер да остане член на Владата.

Хладек ги отфрли обвинувањата за мобинг, тврдејќи дека е само строг шеф кој бара добро да се извршува работата.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top