| четврток, 6 декември 2018 |

Со координирана меѓународна акција ќе се решаваат проблемите со бегалците

ун
Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) денеска во Бангкок соопшти дека во соработка со Интернационалната организација за миграции (ИОМ) и Канцеларијата за борба против дрогата и криминалот на ОН ќе предложи план за акција за решавање на актуелната хуманитарна катастрофа во југоисточна Азија. Планот за помош на десетици илјади бегалци од Мјанмар и Бангладеш со десет препораки за акција ќе им биде доставен утре на високи, а можеби и неколку највисоки претставници на државите од регионот, засегнати со проблемот на бегалците.Сѐ уште не е потврдено дали утре во Бангкок, според најавата на тајландскиот премиер Прајут Кан-Ока, ќе допатуваат и лидерите на Малезија и на Индонезија. Со сигурност се знае дека Мјанмар нема да учествува во првиот регионален собир посветен на бегалската криза во бенгалскиот залив.

Во главниот град на Мјанмар, поранешна Бурма, неколку илјади лица втор ден учествуваат на протестните собири против осудата на нивната земја од страна на ОН и голем број организации за заштита на човековите права.

Официјален Јангун тврди дека бегалците не се од Мајанмар. Меѓутоа, според официјални податоци на ОН, од летото минатата година до почетокот на мај годинава над 70.000 припадници на угнететото племе Рохинга од Мјанмар ја напуштиле државата и се обиделе да пребегаат во Малезија.

Најголем дел од бегалците се жртви на организираните трговци со луѓе, често помогнати од локални функционери и полицајци од Тајланд и Малезија.

По откривањето на 30 масовни гробници во Тајланд, а потоа и 139 во Малезија, сите во граничниот појас меѓу двете држави, прво Тајланд, а потоа Малезија започнаа обемни акции за спречување на криумчарењето на бегалците од Мјанмар и Бангладеш.

За околу 7.000 бегалци, колку што се претпоставува дека се наоѓаат на бродови на кои до 20 мај не им се дозволуваше пристап до копното, Индонезија и Малезија подготвуваат прифатни кампови.

Бегалците што во Индонезија и Малезија ќе добијат привремено сместување, треба во рок од една година да најдат азил во други држави или да се вратат во Мјанмар. УНХЦР и другите меѓународни организации најавија дека во планот од 10 точки ќе предложат меѓународна кампања за прифаќање на бегалците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top