| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија продолжува со придонесот во мисијата „Одлучна поддршка“

арм
Република Македонија е цврсто посветена на глобалниот мир и стабилност. Вие сте несомнен доказ за тоа и јас сум убеден дека задачите пред вас ќе ги извршите професионално и одговорно, им порача министерот за одбрана, Зоран Јолевски, на тринаесеттемина припадници на АРМ кои заминуваат во Авганистан во рамки на мисијата „Одлучна поддршка“. Тој посочи дека за Македонија од исклучителна важност е мировниците да се вратат живи и здрави дома, кај своите најблиски, побогати за едно искуство кое ќе им го пренесат на своите колеги.На приемот на 12-те офицери и еден подофицер на Армијата кои ќе бидат дел од турскиот контингент во Командата на Кабул, присуствуваше и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески.

Тој оцени дека мировниците се подготвени за обврските и одговорностите кои ги очекуваат и оти ќе одговорат на сите задачи и како досега достојно ќе ја претстават Република Македонија.

Командантот на контингентот се заблагодари за укажаната доверба да се претставува Република Македонија во мисијата во Авганистан и истакна дека сите припадници на контингентот ќе вложат максимални напори да ја продолжат традицијата на македонските мировници, односно да бидат успешни, професионални и целосно предадени на доверените задачи.

По завршувањето на мисијата ИСАФ на крајот на 2014 година, Република Македонија го продолжи своето присуство во Авганистан во новата мисија на НАТО-Алијансата – „Одлучна поддршка“ со 39 припадници. Основната мисија на „Одлучна поддршка“ е обука, советување и менторирање на авганистанските безбедносни сили и институции.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top