| четврток, 6 декември 2018 |

Зошто Вучиќ е толку непопуларен?

594807_aleksandar-vucic040415ras-foto-aleksandar-dimitrijevic43_f

Независне новине – Бања Лука

Зошто Вучиќ е толку непопуларен? А зошто би бил популарен? Непопуларните политичари се ретки, тоа се тие кои се вртат против матицата, па ветуваат крв, пот и солзи, но такви тука главно нема!

Популарноста лесно се постигнува ако зборуваш или преземаш целосно погрешни работи, додека најлесно е да се пропадне ако се стремиш кон тоа што е исправно, веднаш се изложуваш на обвиненија дека лажеш, бидејќи еве, резултатите не се манифестираа, а требаа веднаш, бидејќи ако се донесе правилна одлука, се поаѓа само од себе и веќе се живее во среќа и благосостојба, или тоа директно се очекува…

Се смета де проблемите треба да се решаваат во сферата на идеологијата.

Ако се прокламираат вистинските догми, закони и процедури кои гарантираат среќна иднина, резултатите настапуваат по сила на природните закони. Комунистите секогаш ја барале невозможната хеуристичка доктрина, па дури и кога пропаднал комунизмот, тогаш ги повикале харвардските донови во економијата да имплементираат спротивна идеологија и очекувале дека најмногу за една година во тие примитивни и ретроградни општества капитализмот ќе се роди сам од себе. Од тогаш, не престанува потрагата за популарни идеи и популарни мерки. Се бараат од науката, од академиите, сметајќи дека професорите кои го познаваат тоталитетот, имаат компетенции кои ги бара секојдневниот живот.

Кога германската комерцијална телевизиска куќа дојде во Хрватска и сакаше тука да ја сними првата сапуница, рекоа – имаме проверен предлог, а кај реализацијата нема да штедиме, туку ќе ги ангажираме најдобрите експерти! Го земаа професорот по сценарио на филмската академија. Како тие би можеле да знаат дека професорите по сценарија тука се нереализирани филмски автори, додека успешните сценарија ги пишуваат пропаднати новинари, провинцијалци и некоја ситна боранија со чудна дарба… Сапуницата беше толку блесава, што на љубовницата на директорот и требаше година дена да ја стави на нозе.

Накусо, од политичарот се очекува да лаже и ништо да не чепка, општо и бенигно да делува во корист на јавната штета, да се помири со тоа дека општеството функционира така како што функционира, макар и се да е промашено и изгубен случај, но премногу интереси се инволвирани и никој не сака да ризикува да се покаже како веќе 25 години сите грешат и ја трескаат главата од ѕид, додека ни пред тоа за жал не беше подобро. А политичарот само треба да го има она нешто, да биде чекор пред непријателот, итар и недопирлив, над општеството и разумот, гола власт. Само простата логика на власта може да не лиши од одговорноста за општествениот и сопствениот неуспех. Значи, лидерот мора да се откаже од реалните проценки, бидејќи тие водат кон рационални одлуки, па ако свати дека се неизбежни, значи дека е изрод и предавник.

Ако се спушти на тоа разумско ниво, готов е, бидејќи сите мислат дека на Балканот нема позитивни решенија, бидејќи сме безнадежен случај, па се бара надчовек, инспиративен лидер кој ја суспендира логиката и процесите, општествените законитости и историските рамки. Тоа ветуба подем на повисоко, митско ниво на егзистенција, каде се е можно бидејќи не се гледаат резултатите, туку се тежи кон трансцедентални вредности и стопување со духовен апсолут или некое волшебно наследство, а тоа е првата скала на патот во небото, каде се разбира ќе ти пораснат крилја.

Еве на пример, Тито, штотуку се навршија 35 години од неговата смрт. Во мојата генерација, сите се сеќаваат каде ја слушнале потресната вест дека умрел. Јас на пример, бев на бензинска станица во Чатеж, се враќав од куглање во Словенија, каде со „Спачекот“ одевме за викенд. Требаа да поминат 35 години повторно да можам да одам во Чатеж кога ќе ми падне на ум, не носејќи пасош, но на граница се уште ме запира некој наш или нивен нервозен полицаец…

Веројатно на 40-годишнината ќе се поминува како ништо, но и така вицот не е во таа внатрешна граница која тогаш навистина не постоеше, но затоа таа идната, западната, беше како Кинески ѕид и точно се сеќавам како се чувствуваше поминувајќи го Фернетиче во Италија, ах.. тука воздухот е чист, слобода, широко поле, можам да купам што сакам за свои пари, тука се е толку возбудливо, можностите се неограничени и кога само би можел… Еве, сега мојот син отиде на студии во Данска, со размена се запиша во последниот семестар на факултет и тоа му одеше токму така глатко како што и самиот посакував за себе, но не ми се случи.

Значи, Тито. На Фејсбук ме заплисна лавина, лавина од разни прикладни фотографии и слогани кои докажуваат дека браварот беше подобар… Сепак во тоа време… Нели тој… А не ова сега…

Што да кажам на сето тоа? Глупост, чиста глупост велам. Австрија ја изгуби последната светска војна, Југославија ја доби, а го доби и Тито и набрзо тие беа богати, а ние пропаднавме. Зошто? Па затоа што сето тоа заедно беше една успорена пропаст, диктатура и комунизам во некој полувируелен облик, што е лоша идеја и промашен рецепт, разорно за општеството и економијата. Не пропадна Балканот после Тито, туку поради Тито.

Источна Европа падна под Сталин, па сега зајакна, но ние не. Сталин беше тешка болест, но не и смртоносна. Еве ги резултатите – просекот на 16 земји на Централна и Источна Европа е на 16.000 долари БДП пер капита, што значи дека само Словенија и Хрватска се над просекот, а сите други земји Бившотини се под или далеку под просекот… Според просекот не надмина Романија, а Србија е надмината и од Бугарија. Чекај, значи ли тоа дека ние сме во грешка, а тие во нешто да се во право? Види, па тие сите се во Унијата! По ѓаволите, како само може? Па зарем тие тоа го заслужија? А од неодамна, каде бевме ние, а каде беа тие… Господа, стигна сметката! Платете ја!

Еднаш објавив долг есеј за неврзаните земји и покажав и докажав дека сите земји учеснички на Првиот самит во Белград остварија деколонизација, национално будење, под водство на харизматични лидери како другарот Тито. Тие владееја по 20-30 години, воведоа државна социјалистичка економија и тие држави пропаднаа, а кога тие испоумреа, се распаднаа во граѓански војни, бидејќи сите демократски процеси биле спречени, па биле неспособни за нормален живот. Се се случи како и тука! Другарот Тито успешно не реекспортираше во Африка.

Мене тој ми е интересен лик, пишувам за него веќе втора книга, мислам дека бил човек со генијални способности, но себичен и целосно негативна појава – дај ми ти мене било каков мекуш да ме воведе во капитализмот, па со драго срце ќе ти го отстапам генијалецот кој не врати една или две цивилизациски скалила наназад… А тоа што не натера во заедничко трло, можеби е некаква вредност, а можеби сепак и не е, бидејќи не гледам дека Австријците трпат живеејќи посебно од Германците, или Скандинавците секој за себе, иако и тоа беше еден колективен северен Балкан… Мислам, јас сум формиран така да се чувствувам како дел од Регионот, тој мене нешто ми значи и емоционално, но од емоции не се живее и подобро би ми било да знам унгарски, отколку што перфектно знам словенечки, српски и македонски, а само со црногорскиот малку се мачам откако ги воведоа тие две букви, од кои мекото Ш додуша ми е блиско, бидејќи на факс учев санскрит.

Значи, секако бев шокиран кога умре Тито, а тоа го слушнав на телевизор вклучен во гадна кафеана на бензинска пумпа каде го пиевме тоа гадно комунистичко кафе, кое исто беше гадно како и комунистичкото пиво и комунистичките цигари, бидејќи сето тоа беше една голема Источна Германија, кој што сака нека каже. Никој не очекуваше дека ќе умре. Се сеќавам дека еднаш во „Старт“, стар добар комунистички магазин кој се печатеше на ужасна тоалет хартија (но колумните и девојките не беа лоши), го прашавме академикот Биланџиќ: – Добро, Душко, кажете, па колку уште може да потрае тој комунизам?

А тој рече – Многу, многу кратко. Можеби најмногу сто години…

Од гледна точка на историчарите, тоа е космичка секунда. Но, тоа беше хоризонт со кој живеевме. Потоа Тито умре и почна да се движи мразот. Доволни беа 10 години државата да се распадне и да оди по ѓаволите. Дојде Туѓман. Сега веќе знаевме дека не може вечно. Умре за 10 години, што не е вечност, туку само се чинеше дека е. Потоа работев во „Плејбој“ и сите чекавме да умре Хефнер, посебно беше нестрплива неговата ќерка, која во корпорацијата ни беше директорка, но тој богами, не умре, еве го жив шета по градината како да е луд и сенилен, а тие негови залудно напумпани псевдозајачици се мотаа наоколу како да ги удрила сончаница или некоја синтетичка супстаница. Кога бев таму на забава, најзгодните девојки се појавија дури по полноќ, но би рекол дека беа професионалки од Беверли Хилс, а не аматерки кои самоуправуваат во Хефнеровата ендемска градина.

Сега веќе не треба да се чека ничија смрт, само чекаш власта и лидерот да се истрошат, бидејќи не сметаш дека нешто ќе променат. Последниот премиер во кој во Хрватска го инвестирав својот ентузијазам (се уште е тука на сцената, но во полоша состојба од Хефнер), се покажа како тотално промашување. Од претседателот толку ни не очекував, иако му праќав разни предлози, но сите ги одби, на своја штета, мислам, тој навистина воопшто не веруваше во концептот за заземање во политиката, секаде се појавуваше, демонстрираше хуманост и немоќ. Можеби подобро беше така, бидејќи кога конечно се тргна соочен со можноста за изборен пораз, почна да наментува лудачки концепти за промена на уставот кои би му дале неограничена власт, па обидувајќи се тоа га го пробутка и потоа политички да го одржи, се здружи со најлошите десни популисти, Опус Деи и партијата на осудениот воен злосторник од Славонија.

Така веќе престанав да верувам дека од кој било политичар смееш да очекуваш нешто нормално и се посомневав, навистина, дека ни самиот не сум нормален, бидејќи не си ја гледам својата работа, туку фантазирам, па пишувам за алтернативи кои се непопуларни, па ни самиот не стекнав голема популарност во сопствената професија. Имам, додуша, некоја мала група приближни истомисленици на Фејсбук, тие ми лајкуваат, а јас на нив, но, се плашам дека во реалниот политички процес тоа е лајкање на Месечината…

Така да навистина ме шокираше кога од човек од кој признавам тоа најмалку го очекував, слушнав неколку нормални, здраворазумски оценки, а потоа и негово ветување дека додека може ќе работи на тоа да се остварат позитивни цели со мерки кои не можат да бидат спорни во однос на состојбата на работите согласно светскиот поредок, кој на крај мора да го признаеш бидејќи веќе не се може во погрешна насока и на сопствена штета.

Во безнадеж и пропаст, во очај кој се продлабочува, бидејќи се истроши цела енергија, илузии и старите заштеди. Мојот покоен пријател, историчарот Вилијам Клингер ме убедуваше дека во целата напишана историја на Балканот не постои друг период од 25 години назадување како ова сегашново, никогаш тоа не се случувало, дури ни во средниот век, работите во толку долг период секогаш тргнувале напред, имено во една логичка насока…

Човекот за кој станува збор секако е Аца Вучиќ, кој секако набрзо стекна голема непопуларност во Белград. Тој се вртеше од Исток кон Запад, од Југ кон Север, се одлучи да не ги решава нерешливите прашања, да го пушти Косово на мир и да се обиде да ја обнови целосно уништената српска економија, во рамки на капиталистичкиот формат, со помош на владата и деловни субјекти на ЕУ, на која Србија сака да се приклучи. Сака да продаде или да затвори 500 јавни компании кои не носат добивка, туку парите ги губат и живеат од буџетот.

Купувачите се странци, а цената е она што може да се добие – пазарна цена, која најчесто е пониска од износот на долговите, што значи дека си среќен ако фирмата ја збуташ на некого, така да се одржат и зачуваат некои работни места, а долгот да го проголташ и притоа да го намалуваш платниот дефицит, што значи дека загубата не оди на сметка на идните генерации, од кредити, туку од џебот на оваа генерација на сегашни луѓе кои потоа се бунат… Додуша, овие кои негодуваат не се толку бунтовни и опасни, полоши се тие кои молчат или шушкаат, бидејќи немаат аргументи, или не сакаат да се спуштат на ниво на аргументите, или пак сакаат наместо за главните прашања за опстанок и развој, да расправаат за други, непопуларни, споредни и општи прашања…

Така да се формираа два фронта. Еден го сочинуваат тие кои злобно молчат, нумеролозите кои веруваат во зла судбина на бројите 1389 и 1244, а мислат дека неволјата произлегува од тоа што ја напуштивме мајчичка Русија, која инаку, Србија едно три-четири пати ја турна во промашни судири и војни, а и сега ја турка да се биде против Украина, Европа и Западот, иако и на самата Русија поради тоа валутата и изгуби половина од вредноста. Но, за овие ликови парите и така немаат никаква вредност, ниту ги имаат, ниту веруваат во нив, а живеат на државна сметка и од државотворни идеи.

Другиот фронт е чуден амалгам на луѓе кои жалат за Југославија, караѓорѓевата и титовската, кога Белград беше метропола на една макар и второстепена европска сила и пружаше силни можности на голем број на луѓе кои би биле привлечени од таа возбудлива метропола на светскиот блеферски проект. Тие луѓе не се нужно неокомунисти, ројалисти или филочетници, но се согласуваат барем околу две работи – дека порано беше подобро и дека Вучиќ не чини како и да завртиш… Сите им беа помили, освен Ѓинѓиќ, кој им скокна во очи откако беше убиен, па стана позитивен мит и повеќе ништо не можеше да расипе со своето заземање и непредвидливи акции кои многу од нив беа целосно исправни, што навистина е грев што не се простува.

Сите тие луѓе не се против Вучиќ затоа што се глупави, напротив. Не се тие против него ни поради тоа што тој погрешно работеше, не, тој дел баш им се допаѓа, бидејќи знаат дека секој политички компромис оди на негова штета, го троши, туку не им се допаѓа поради тоа во што е во право и што работи исправно. Бидејќи во остварувањето на тие исправни политики за нив нема место. Во либералната економија нема синекури за полн град луѓе каде индустријата порано не беше посебно развиена, а сега земјата уште повеќе се деиндустријализираше.

Виена се намали кога Австро-Унгарија пропадна, а Белград се зголеми кога се распадна Југославија. Не се луѓето виновни, во провинција не можеат да живеат и во економијата на 21 век работа може да се најде само во динамични средини, а не на село и во индустриски гратчиња со по една голема пропадната фабрика… Впрочем, тие пролетери на транзицијата и не се проблем, тие се всушност гласачи на Вучиќ, бидејќи им се допаѓа неговиот настап со самодоверба, настап на капиталистички агитатор, бидејќи демонстрира претприемаштво какво и самите мора да го искажат за да опстанат на велеградскиот плочник.

Не, проблем е наводната интелигенција, наводната средна класа, која е декласирана откако само бирократијата пружа масовна вработеност, додека сите други дејности во приватниот сектор до таа мерка се подложни на промените, што сите знаат дека нема да одат во пензија во фирми во кои се поставени, ако не се нивни сопствени фирми… За таа бирократија и средна класа, нема многу простор, а интелигенцијата ја изгуби месијанската улога на глобализираниот пазар – на никој повеќе не му треба работник од општа пракса (доволни сме и ние новинарите платени по напишан ред). Непотребни се духовните лидери и генија со национална кампања.

Повеќе ти вреди еден 30-годишен од Меккинси, отколку древен српски филозоф кој напишал 30 тома проза на чемер.

Каква е политичката тежина на непопуларноста која генерира волја да се надмине балканскиот ѓавол со смислена акција? На долг рок голема тежина, но за среќа пак, како и се друго подлегнува на општите закони на физиката и на внатрешната економија на одржлива состојба на организмот, па и резултатите кога ќе се постигнат, ќе значат нешто, а неделувањето на крај ќе ти се одмазди, колку и да е популарно, бидејќи пружа безбедност на линија на помал отпор…

Три години популарно неделување, сегашната хрватска Влада ја доведе во колапс, па на изборите најверојатно ќе претрпе историски пораз и ќе им овозможи на националистите да ги повторат сите нивни грешки или да ризикуваат потези во согласност со барањата на либералната економија. Во Словенија, својата либералка, премиерката Братушек ја удавија откако се пожали, но сега и самите се во неволја, иако Владата ужива популарен консензус… Премиерот спие на нозе, фирмите се гасат една по друга, а тој не е подготвен да ги продаде ни кога на берзата ќе паднат на третина или четвртина од вредноста, како „Меркатор“, „Лашко“ или „Телекомот“, па наспроти тоа на крај ќе мора да ги продаде! На крај и тие ќе се отворат на светот, на Западот, на странскиот капитал. Нема тоа да оди лесно, но на тоа ќе бидат принудени и овие непоправливи алпски титовисти, а ќе мора и Србија, дури и Хрватска. На мерките кои ги прифатија Словачка и Полска. Блажени земји кои не ги даваат експертите освен во областа на уметничкото творештво.

Еве, тоа сакав да кажам – во белградскиот „Неделник“ саркастично напишаа, секој месец да напишам по една пофалба до Владата на Вучиќ, па погледнав на десктопот и утврдив дека не сум ја исполнил нормата. Покрај тоа, секоја недела да ја напаѓам Владата на Милановиќ, а барем два пати месечно да се обидувам да ја иронизирам амбигвитетната словенечка политика. Таа фреквенца не можеш да ја протолкуваш во националниот клуч – јас сум Далматинец подеднакво скептичен кон сите ултрамонтантски појави и идеи, а единствено што прифаќам е чиста либерална мисла, во економијата, додека од политиката и културата во тие тесни средини, речиси и дигнав раце.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top