| четврток, 6 декември 2018 |

Уметничко дело предизвика негативни реакции во Европскиот парламент

Уметничката инсталација, статуа на човек кој умира, поставена во Европскиот парламент во Брисел, од чешката група „Поде Бал“ предизвика остри критики и барање за нејзино итно отстранување, објавија чешките медиуми.

skulptura

Како што пренесува  МИА, делото, кое претставува голо тело кое крвави и гранична патрола која го набљудува, им пречи на групата на пратениците од левицата.

Службата во Парламентот упатила повик за итно отстранување на бистата, а како официјална причина е наведена разликата во конечниот облик на делото од првичната верзија.

– Тврдат дека инсталацијата се разликува од првичниот план. Не е така, делото изгледа токму како што беше најавено. Тие бараа од нас да го отстраниме, но тоа ќе остане на местото како што е планирано, до 2. јуни, изјави Петр Мотичка еден од авторите на скулптурата.

Монументалната инсталација на тема „Железната завеса и нејзините фатални последици за луѓето кои се обидуваат да ја надминат“, вчера беше откриена во Брисел од чешката уметничка група „Поде Бал“.

Уметничката инсталација е во спомен на смртта на 18-годишниот Хартмут Таутц, кој се обидел да избега од тогашна Источна Германија преку Чехословачка до Австрија и на границата бил растрган од кучиња кои на него ги испратила пограничната војска. Војниците не му помогнале на момчето, туку го испрашувале и ја разгледувале околината. Татуц другиот ден починал поради тоа што изгубил голема количина на крв, а за неговата смрт никој не бил осуден. Членовите на патролата, кои денеска се на 48 и 51-годишна возраст живеат во Чешка и Словачка.

Статуата е инсталирана пред влезот во Европскиот парламент во рамки на конференцијата организирана од страна на Платформата на европската меморија и совест.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top