Уметничката инсталација, статуа на човек што умира, поставена во Европскиот парламент во Брисел, од чешката група „Поде бал“ предизвика остри критики и барање за нејзино итно отстранување, објавија чешките медиуми.
Како што јави дописникот на МИА од Прага, делото, кое претставува голо тело што крвави и гранична патрола штого набљудува, им пречи на групата на пратениците од левицата.
Службата во Парламентот упатила повик за итно отстранување на бистата, а како официјална причина е наведена разликата во конечниот облик на делото од првичната верзија.
– Тврдат дека инсталацијата се разликува од првичниот план. Не е така, делото изгледа токму како што беше најавено. Тие бараа од нас да го отстраниме, но тоа ќе остане на местото како што е планирано, до 2 јуни – изјави Петр Мотичка еден од авторите на скулптурата.
Монументалната инсталација на тема „Железната завеса и нејзините фатални последици за луѓето што се обидуваат да ја надминат“, вчера беше откриена во Брисел од чешката уметничка група „Поде бал“.
Уметничката инсталација е во спомен на смртта на 18-годишниот Хартмут Таутц, кој се обидел да избега од тогашна Источна Германија преку Чехословачка до Австрија и на границата бил растрган од кучиња што на него ги испратила пограничната војска. Војниците не му помогнале на момчето, туку го испрашувале и ја разгледувале околината. Татуц другиот ден починал поради тоа што загубил голема количина крв, а за неговата смрт никој не бил осуден. Членовите на патролата, кои денеска се на 48 и на 51-годишна возраст живеат во Чешка и во Словачка.
Статуата е инсталирана пред влезот во Европскиот парламент во рамки на конференцијата организирана од страна на Платформата на европската меморија и совест.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.