Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, заедно со тројката европратеници Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан, ќе пристигнат в понеделник на разговорите во Скопје, со цел да ја продолжат медијацијата меѓу политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и да се надмине политичката ситуација во Република Македонија.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Хан ќе ги предводи медијаторите од Европската унија пo вторпат, после минатонеделните преговори во Стразбур меѓу премиерот Никола Груевски и лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев.
Од кабинетот на комесарот Хан денеска за МИА ја потврдија информацијата дека првиот човек за проширување на Унијата планира наскоро да ја посети Македонија, но посочија дека во текот на утрешниот ден ќе соопштат јавно кога точно ќе пристигне во Скопје. Сепак, според информациите од тројката европратеници што исто така посредуваат во преговорите власт-опозиција во Македонија, тој ден е понеделник (1 јуни), за кога во Клубот на пратениците во главниот македонски град е закажана новата рунда преговори меѓу Груевски и Заев, а на која присуствуваат и албанските политички лидери во Македонија, Мендух Тачи и Али Ахмети.
Во исто време, единствено е непознато дали в понеделник, Хан со себе во Македонија ќе го донесе и експертот за медијација и олеснување, што во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) на Федерика Могерини се уште се избира. Доколку до недела Могерини го избере олеснувачот, а не Специјален претставник на ЕУ како што претходно се споменуваше, тогаш тој би започнал со својата официјална улога на помирување на политички завојуваните страни во Македонија.
Портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич, денеска за МИА изјави дека, всушност, во Брисел не се разговара за избор на т.н. олеснувач:
– ЕУ и понатаму ќе биде ангажирана многу активно со сите политички лидери во Република Македонија за решавање на актуелната политичка криза. Ние ги користиме постоечките алатки за проширување, како и процесот на олеснување воден од европратениците и комесарот Хан. Ова е местото каде што лежи фокусот на ангажманот и поддршката на ЕУ. Високиот претставник/потпретседател Могерини и комесарот Хан се во постојан контакт со земјите-членки и други меѓународни организации исто така и не постои предлог да се определи друго лице да се справи со ситуацијата во земјата, потенцира Коцијанчич.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.