Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и неговата чешка колешка Михаела Марксова денеска во Прага потпишаа Меморандум за соработка од областа на трудот, вработувањето и социјалната политика.
Како што соопшти денеска Министерството за труд и социјална политика, Република Македонија и Чешката Република имаат заеднички интерес за развивање на соработката и пријателските односи.
– Токму поради тоа, со потпишувањето на Меморандумот се предвидува активна соработка на двете министерства во делот на грижа за лица од ранливите групи, социјални услуги, социјално осигурување, социјални бенефиции, законот за работни односи, политики за пазарот на труд и вработување, социјален дијалог и колективно договарање, се вели во соопштението.
Во него се додава дека со склучениот меморандум се предвидува и започнување заеднички проекти, организирање конференции, семинари, студиски посети…
Овој тип на размена на искуства и продлабочување на соработката со земјите членки на Европската унија, се истакнува во соопштението, го помага евроинтеграцискиот процес на Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.