| четврток, 6 декември 2018 |

Заврши лидерската средба, Груевски и Заев информирале за разговорите во Стразбур

gruevski-i-popovski
Во Клубот на пратениците во Скопје заврши двочасовната средба на лидерите на четирите најголеми партии во Македонија Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев од СДСМ, Али Ахмети од ДУИ и Медуха Тачи, за изнаоѓање решение за излез од политичката криза во земјата.На денешната средба, на која како набљудувачи присуствуваа амбасадорите на САД и на ЕУ Џес Бејли и Аиво Орав, Груевски и Заев ги информирале Ахмети и Тачи за минатонеделните разговори во Стразбур во кои посредуваа европратениците Иво Вајгл, Едуард Кукан, Ричард Ховит и ервокомесарот Јоханес Хан.

Заев не сакаше да зборува за резултатот од денешната средба за да не му наштети на процесот и доколку има потреба за откривање детали тоа ќе го направи Европската унија.

– Нашите ставови се јасни и остануваме на нив. Во моментов немам информации дека би можеле повторно да одиме во Стразбур. Има решенија што би биле можни и брзи, но тие не зависат само од опозицијата – рече Заев.

Тој информираше дека од утре ќе продолжат со објавувањето на т.н. бомби, но сега наместо од нивното партиско седиште тоа ќе го прават од пред Владата каде што се наоѓа нивниот камп.

Премиерот Никола Груевски не даде изјава, за ВМРО-ДПМНЕ зборуваше Илија Димовски, кој не ги коментираше деталите од разговорите.

– На средбата ги информиравме останатите партии за разговорите во Стразбур – рече Димовски, повторувајќи го истото што го рече и Заев дека детали од разговорите може да објави само Европската унија.

Луан Треси од ДПА по завршување на средбата истакна дека идната недела очекуваат посуштински дијалог помеѓу лидерите на партиите.

Најавена е нова лидерска средба во почетокот на наредната недела, но не се прецизира точниот термин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top