| четврток, 6 декември 2018 |

Книги за деца од Киро Донев и Натали Спасова објавени во Украина

книги-2

Во издание на украинската издавачка куќа „Тврдина“, на украински јазик се објавени две книги за деца и млади од македонски автори: „Весел зоопарк“ од Киро Донев и „Прва љубов во Розевата улица“ од Натали Спасова.

И двете книги се во превод на украинската писателка Анна Баграјана, која привремено живее во Скопје, а преводот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонијам, во рамките на Конкурсот за странски издавачи.

Подолу се линковите од веб-страницата на издавачот со информации за книгите (чии македонски изданија се на „Македонска реч“).

„Весел зоопарк“ на Киро Донев е извонредна книга за веселиот животински свет. Наменета е за помладите читатели, за во повеќето Книги пишува Киро Донев. Неговите дела се карактеристични со инвентивен и луциден хумор ипретставуваат првокласно забавно четиво.

Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на триесетина книги за деца, пред сè прозни дела: романи, раскази, гатанки, повести, пиески и сликовници, а за своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди во Република Македонија. Меѓу другите, автор е на следните книги: Жаба спикер (поезија 1967), Било – не било (раскази, 1969), Априли – ли (пиески, 1969), Збркана сказна (роман, 1986), Ден по ден – година (раскази, 1987), Внукот на мајорот (роман, 1989), Шарена криенка (раскази, 1990), Манастирски ѕвона (роман, 1992), Далаверите на Добре лошиот (роман, 1992), Четириножните рицари (роман, 1993), Надуенка (раскази, 1997), Киндер квачка (роман, 1999), Приказни од зоопаркот (раскази, 2000), Весел зоопарк (раскази, 2007), Од дневникот на Васко Пикаско и Зорка Сештозборка (раскази, 2012)…

„Прва љубов во Розевата улица“ е роман кој й е наменет првенствено на тинејџерската читателска популација. Напишан е од млада и талентирана авторка, мошне инвентивно и на исклучително високо естетско ниво. И покрај тоа што делото е напишано уште на нејзината рана возраст, тоа остава впечаток дека е создадено од перо на искусен и голем мајстор на прозата за млади, а со самото објавување авторката се појави како ретко талентиран млад автор во македонската литература. Спасова создала привлечна и читлива приказна и атрактивен тинејџерски свет во неа.

Овој роман брзо стана хит кај младите читатели и во многу македонски училишта се обработува како лектирна книга по избор на наставниците.

Натали Спасова (1989, Скопје), дипломирала туризам, а заврчила постдипломски студии за културен туризам. Својот прв роман „Прва љубов во Розевата улица“ го објави во 2006 година, а набргу беа објавени уште две изданија (2007, 2008), што е реткост во малиот јазичен простор во Република Македонија. Ова е роман од тинејџер за тинејџери – напишан од авторката на 13-годишна возраст. Спасова е автор на уште еден објавен роман – „Запалка“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top