Судирите на идеологиите, недемократските режими, крвавите војни, суровата транзиција и на крај тешката економска криза. Сето тоа во изминатиот век резултираше со три големи бранови на иселување од овие простори, а продолжи со нов голем егзодус и во овој век, пишува „Ал џезеира“.
Со исклучок на Словенија, нема земја на просторот на поранешна Југославија која не е соочена со масовен одлив на мозоци и мускули. Кризата го зема својот данок, луѓето не гледаат иднина и бараат прилика за подобар живот во побогатите и посредените земји.
Официјални податоци за бројот на имигрантите практично нема, а бројките кои се во медиумите главно се противречни. Додека некои зборуваат за неколку десетици илјади граѓани заминати од Хрватска во странство во изминатите неколку години, во податоците на Министерството за внатрешни работи, бројот на пријавените заминувања од крајот на 2012 година па наваму стигнува дури до 98.000!
Се работи за број на поднесени барања за привремено заминување надвор од Република Хрватска откако се применува новиот Закон за престој. Според истите излегува дека во последните две години 2,23 отсто граѓани на Хрватска пријавиле свое иселување од државата. Според бројката, најмногу од нив се од Загреб – 21.347, а според процентот се од Личко-сењската, Задарската и Вуковарско-сремската жупанија – 4,3 отсто.
Нема точни податоци
Ни во другите региони не е подобро. Според само дел од обработените податоци кои во почетокот на февруари ги објави Унијата за одржливо враќање во БиХ, само лани од БиХ се иселиле 68.000 луѓе. Дел од нив заминале во Хрватска и Србија, а останатите најмногу во САД, Франција и скандинавските земји. Не се работи за официјални државни податоци, туку за собрани во општините и здруженијата за повратници.
Слично е и во Србија. Неофицијалните податоци зборуваат за просечно 30.000 луѓе годишно кои ја напуштаат Србија, додека тамошниот Завод за статистика кон крајот на 2012 година објави податок за 95.000 луѓе во изминатите 10 години.
Можеби и најдраматичен одлив бележи Македонија од која од 1998 до 2011 година се отселиле 230.000 жители, т.е. 10 отсто од вкупниот број. Ако се продолжи со ова темпо, дури и наспроти релативно поволниот демографски тренд, Македонија според проценка на Светска банка до 2030 година ќе има помалку од 1,8 милиони жители, наспроти сегашните 2,1 милион.
Последните месеци многу се зборува и за масовно заминување од Косово од каде и по 20.000 луѓе месечно заминуваат во земјите на Европската унија. Наводно секој ден од Приштина и други поголеми косовски градови на пат кон Европа (Унгарија е најчеста дестинација за барање на азил), тргнуваат десетици преполни автобуси. Се проценува дека околу 80.000 Косовари работат во Европа, најмногу во Швајцарија и Германија.
И во Црна Гора народот се иселува. Со оглед на помалиот број на жители, тука се чуствува и заминување од неколку илјади луѓе и тоа најмногу од северните, сиромашни краеви на државата. Заедничко на сите овие бројки и проценти е дека не се официјални ниту веродостојни. Точно е дека бројките веројатно се и поголеми, бидејќи многумина кои заминуваат не го пријавуваат своето одење. Има, секако и такви кои се враќаат не успевајќи да најдат работа во странство, но такви за сега се многу малку.
Западот зема мозоци и работна сила
– Сето тоа се различни проценки бидејќи ни Хрватска, ни БиХ, ни Србија ниту другите земји немаат регистер на населението, а некој кој заминува, на пример во Германија или САД, не мора да се одјави за да се насели таму. За Хрватска се знае дека во последните неколку години се отселиле над 50.000 луѓе – вели демографот од Загреб, Анѓелко Акрап.
Тој потенцира дека логиката на иселувањето е едноставна. Колку на богатите земји во ЕУ, САД, Канада или Австралија ќе им треба работна сила, толку луѓе секогаш ќе има за иселување. Втора работа е, вели тој, дека на овие простори долго се водеше економска политика која развојот го стеснуваше на се помали подрачја, а на кои потоа се создавеше вишок на население.
– Кога велат дека невработеноста паднала, не велат дека паднала бидејќи се намалил бројот на жителите, а бројот на вработените не е зголемен. Значи, тие луѓе се иселени. Така е во Хрватска, но и во другите земји од регионот – вели Акрап.
Дека состојбата е и краткорочно и долгорочно лоша, истакнува проф. од загрепскиот Економски факултет Љубо Јурчиќ.
– На краток рок, оваа состојба со одлив на населението е лоша бидејќи зборува дека тука не може добро да се живее од својот труд. Долгорочно, лоша е поради тоа што развојот на некои земји зависи од уделот на високо образовани луѓе, а токму таквите сега најмногу заминуваат – вели Јурчиќ, додавајќи дека не се работи само за последици од економската и финансиската, туку и од подлабоката општествена криза.
Повеќе не се оди на привремена работа
За разлика од бранот на иселување од средината на 60-тите и 70-тите години од минатиот век, кога во странство обично заминуваше главата на семејството и тоа на привремена работа, денес одат цели млади семејства, а многу од нив воопшто немаат намера да се вратат. Уште поважно од тоа, според зборовите на демографот Акрап, е што економските емигранти тогаш можеле да заштедат и дел од заработените пари да ги вратат во татковината.
– Сега состојбата е таква што во земјите каде луѓето се иселуваат поради високите трошоци за живот, не може да се заштеди, па поради тоа заминуваат цели семејства. Освен тоа, во 1960-тите, тука имаше многу младо население, па и наспроти тие кои се иселуваа, остануваа многу луѓе кои можеле да работат. Денес демографската слика е многу поинаква и полоша. Не само затоа што Хрватска до 2050 година ќе има 700.000 жители помалку од денес, туку и поради тоа што бројот на старото население ќе порасне за 80 отсто, а контингентот на работното население ќе се намали за 20 отсто – предупредува Акрап.
Најголем број на тие кои пријавуваат привремено заминување од Хрватска се на возраст од 39 до 49 години. Очигледно станува збор за генерација на тие кои се соочени со долготрајна невработеност или се незадоволни од вреднувањето на своето знаење и вештини. Во тоа се вклопува и податокот на Светска банка според кој миграциската стапка на високо образованите Хрвати е дури 29,4 отсто и најголема е во Европа!
– Порано од тука си заминуваа луѓе кои имаа здрави мускули. Значи, мануелна работна сила, која одеше да го надомести недостигот на мануелна работна сила во Германија, Австрија и во други земји. А сега ни заминуваат учени луѓе. Предвид треба да се земат и последиците од глобализацијата, фактот дека луѓето повеќе немаат страв од летање и патување, дека се вмрежени и дека живеат глобално, па така ни далечините од 4 до 5.000 километри повеќе не се големи како порано. Луѓето кои сега си заминуваат со семејствата можеби некогаш ќе добијат желба да се вратат, но нивните деца таму веќе се асимилирани. Тие така стануваат расцепени меѓу две татковини – заклучува Јурчиќ.
Акрап за тоа вели дека луѓето од овие региони, Словените општо, лесно се интегрираат во западноевропските општества. – Цената на нивната интеграција во општествата во кои дошле е многу мала. Многу поголема е цената на интеграциите кај луѓето кои доаѓаат на пример од Азија – заклучува тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст