Според податоците на регионалните власти, за кои западните медиуми наведуваат дека не може да бидат проверени од независни извори, 96 отсто од наведените терористички групи се онеспособени пред да може да преземат некаква акција. Околу 120 осомничени лица се предале на полицијата, според податоците коишто ги пренесуваат интернет ресурсот Tianshan на властите во Синџијанг-Ујгирскиот регион, и државната новинска агенција Xinhua.
Кампањата „Удри силно“, којашто е остро критикувана од страна на западните организации за човекови права, е покрената веднаш по крвавиот напад од 22-ри мај 2014 година во Урумкви, главниот град на Синџијанг-Ујгирскиот регион. Тогаш две теренски возила се втурнаа на отворен градски пазар додека патниците во нив фрлаа експлозив и притоа загинаа 39 луѓе и четворицата напаѓачи, а повеќе од 90 се повредени. Претходно вакво напад, за кој се обвинети ујгурските мислимански сепаратисти се случи и во престолнината Пекинг, а следуваа и напади со мачети на железнички и автобуски станици во кои од минатата година според државните служби се убиени повеќе од 200 цивили и околу 350 напаѓачи и екстремисти, меѓу кои се и егзекутирани лица по судски процеси.
Кампањата „Удри силно“ е продолжена најмалку до 2015 година, а Западот ја критикува Кина дека ја претворила во „немилосрдна репресија“ со повеќе десетици смртни казни и погубувања, проследени со стотици апсења и судења по итна постапка.
Синџијанг-Ујгурскиот регион е безбедносни најнестабилната област во Кина. На нејзината територија на која живее автохтоното туркофоно население Ујгури кои станаа малцинство во однос на кинеската етничка група Хан, според кинеските власти, дејствува терористичката организација Источен Туркестан, којашто Пекинг ја сомничи за поврзаност со глобалната терористичка мрежа Ал Каеда. Западните влади и организации за човекови права, пак, сметаат дека кинеските власти претеруваат и со тоа ја оправдуваат својата власт на „цврста рака“.
Во округот Шаче, или Јарканд на ујгурски јазик, во јули 2014 година избија жестоки судири пред крајот на муслиманскиот празник рамазан. Автономната област Ујгурија-Синџијанг последните години е потресувана од безредија со многу жртви, поради нетрпеливоста меѓу доминантниот народ Хан и Ујгурите, туркофони муслимани. Официјален Пекинг тврди дека станува збора за исламски фундаментализам и дека екстремните Ујгури се поврзани со талибаните и други исламистички движење, во Пакистан, поради што е отворен дијалог со владата во Исламабад.
Сепак, во текот на изминатите шест месеци во Кина се одиграа неколку големи напади, поради што властите во Синџијанг во мај 2014 годинава воведоа режим на антитерористичка операција која ќе биде на сила до јуни 2015 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


