| четврток, 6 декември 2018 |

Протести ширум светот против производителите на ГМО храна

Илјадници луѓе учествуваа во повеќе градови ширум светот во протести против американскиот биотехнолошки гигант „Монсанто“ и неговите генетски модифицирани посеви и пестициди, посебно „Раундап“, чија главна состојка неодамна е прогласена за „веројатно канцерогена за луѓето“.

GMO

Третиот годишен „Марш против Монсанто“ е одржан синоќа во 400 градови во над 40 земји ширум Европа, Северна и Јужна Америка и Африка.

Околу 2.500 луѓе демонстрираа против „Монсанто“ во швајцарските градови Базел и Моржу, каде се наоѓа седиштето на компанијата за Европа, Африка и Блискиот Исток.

Во Париз се собраа околу 3.000 демонстранти во организација на група за заштита на животната средина како „Гринпис“ и антикапиталистичката група Стоп ТАФТА.

На еден од плакатите во францускиот град Рен пишуваше „Сакате да извршите масовно убиство? Посегнете за Раундап“.

Во Буркина Фасо, каде во 2003 година Монсанто воведе ГМО памук, демонстрантите бараа десетгодишен мораториум на садењето на семињата на „Монсанто“, за да се спроведе независно истражување за ефектите на таа технологија.

Пред зградата на Европарламентот во Стразбур се собраа околу 1.000 демонстранти против „Монсанто“ кои одржаа минута молчење „во знак на сеќавање на досегашните и идни жртви на труење со пестициди“.

На Хаваи демонстрантите садеа кокосови дрвја, жалејќи се на влијанието на компании како „Монсанто“ на локалната заедница, со тоа што користат хемиски пестициди и барајќи овој гигант да престане да ги користи Хаваи за експериментирање со пестициди и ГМО храна.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top