
Пилотот на Мерцедес, Нико Розберг ја освои најконтроверзната трка во календарот на Формла 1, низ улиците на Монте Карло. Tриумфот следеше по несфатлива драма и пресврт пред крајот на ГН на Монако, па така, изненадувачки, Германецот успеа да победи и трет пат и да влезе во историјата.
Неочекуваниот расплет на настаните се случи во 64 круг од трката. Среќа овој пат тоа не беше по кој знае каква несреќа или инцидент од големи димензии. Никој не може да ја сфати реакцијата на актуелниот шампион, Луис Хамилтон и неговиот тим, кој беше на прагот да триумфира по улиците на Кнежевството. Плановите на бранителот на титулата од минатата година за миг се срушија како кула од карти, иако стори се маестрално до тој миг. Беше најдобар во квалификациите. возеше мошне добро и се до тој фамозен миг, па не само за него за сета јавност која со големо внимание ги следи настаните од Монте Карло.
Се започна по ненадејниот инцидент меѓу Роман Грожан и Макс Верстапен. Тинејџерот од Tori Rosso направи груба грешка, не сопре навреме, го погоди Грожан и се удри со голема брзина во заштитните ѕидови. Поради ова на патеката се најде безбедносното возило. Хамилтон во меѓу време се најде во боксот. Германците очекуваа Луис повторно да се врати на чело на колоната, но згрешија во пресметките и наместо тоа тој загуби две позиции. При враќањето на патеката од боксот откако Хамилтон виде дека е трет, само саркастично праша: „Штотуку ја загубив трката, нели така?“. Од боксот се обидуваа да најдат оправдување, но по се изгледа „како да ја изрежираа трката во корист на Розберг“, иако никој не сака да верува во тоа?! До крајот Розберг го искористи подарокот, а четирикратниот светски шампион, Себастијан Фетел не му дозволи на третиот Хамилтон да ја врати глупаво загубената позиција.

Даниел Квјат ја извозе најдобрата своја трка во кариерата и заврши четврти. Младиот руски пилот на Red Bull, возеше во стилот на прекален ас, па го остави зад себе далеку поискусниот клупски колега, Даниел Рикардо. Австралиецот стигна до петтото место, по доста спорно претекнување на Кими Раиконен. Рикардо буквално му го пресече патот на Финецот, кој остана на патеката и не се судри во уличните огради само заради искуството и добрата реакција. Така Кими сепак заврши шести и освои вредни поени за тимот на Ferrari. Како седми се пласираше Мексиканецот Серхио Перез од тимот на Force India. Џенсон Батон донесе огромна радост на тимот на McLaren. Британецот успеа да се избори за осмата позиција и да освои поени за својот тим, додека тимскиот колега, Фернандо Алонсо, по втор натпревар не успеа дури да стигне на целта. Фелипе Наср од Sauber и младата надеж на Toro Rosso, Карлос Сајнс Јуниор го комплетираа списокот на возачи кои евидентираа поени од оваа трка.
Иако ја загуби победата во Монако, Луис Хамилтон, остана на чело на табелата кај пилотите. Предноста на Британецот сепак е претопена од вториот Розберг. Себастијан Фетел продолжува да биде најголемиот конкурент на Мерцедесовиот двоец. Германецот е трет и го намали заостатокот зад Луис.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


