Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа претставува нов значаен исчекор во претворање на регионот во зона на мир, стабилност, солидарност и добрососедска соработка, во интерес на нашите граѓани и држави, како и на Европа во целина.
Оваа порака ја упати претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски обраќајќи се на втората Пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа што се одржува во Тирана, Република Албанија.
– Парламентите, како непосредни претставници на граѓаните, ја имаат клучната улога да ги преточат европските принципи, стандарди и вредности во секојдневниот живот. Република Македонија има направено голем исчекор во усвојувањето и имплементацијата на европските стандарди во бројни области, како и дека е подготвена и има капацитет за нивно целосно исполнување, рече Вељаноски.
Тој истакна дека напредокот на народите од овој регион во услови на мир, безбедност, добрососедство и соработка е наша заедничка определба и оти имајќи предвид дека сè уште не се отстранети опасностите за дестабилизација, доаѓаме до најважните прашања за еден регион – мирот и стабилноста.
– За жал, неодамна во Република Македонија на трагичен начин се соочивме со овој факт, но спречивме натамошно ескалирање на тензиите. Со професионално изведена полициска акција се разби криминално-терористичка група која имаше цел да нанесе огромна штета на Република Македонија, а претставуваше опасност и за целиот регион. Овој немил настан уште повеќе ја нагласува потребата од поскорешна интеграција на нашиот регион во НАТО и Европската унија, рече претседателот на Собранието.
Додаде дека и моменталната политичка ситуација во Република Македонија придонесува за влошување на целокупната добросостојба на државата и потсети дека по завршувањето на парламентарните избори во Република Македонија минатата година, опозицијата реши да не учествува во работата на Собранието. Во меѓувреме, рече, неколку пати и со помош на европските пријатели повикавме на политички дијалог кој треба да се одвива во парламентот, односно во институциите.
– Во тек се преговори помеѓу двете страни со помош на посредници од Европскиот парламент и јас се надевам дека политичките лидери ќе дојдат до вистинското решение, подвлече Вељаноски.
Тој укажа дека статус-кво ситуацијата во евроатлантските интеграции, за Македонија и земјите од регионот создава фрустрации и нè прави ранливи и подложни на обиди за дестабилизација. Смета дека во надминувањето на предизвиците со кои се соочуваме, потребна ни е и ја очекуваме регионалната солидарност, како и поддршката од меѓународната заедница.
Во обраќањето на пленарната сесија посочи дека успехот на регионалната соработка директно зависи од реализацијата на низа регионални проекти, кои се веќе идентификувани од владите и од регионалните и европски организации и институции, потсети на паневропските транспортни коридори кои во овој дел од Европа се зацртани, но се уште се незавршени.
– Во рамки на нашата соработка, покрај модернизирањето на инфраструктурата и меѓусебното транспортно поврзување, пред нас е задачата и за реализирање многубројни иницијативи и конкретни проекти со кои се придонесува за позначаен економски и социјален развој, како и за конкретизирање на евроатлантските процеси. Од големо значење се и соработката во областа на правдата и човековите права, безбедноста и борбата против тероризмот и организираниот криминал, соработката за заштита на животната средина и други прашања од заемен интерес, рече во обраќањето Вељаноски и додаде дека улогата на парламентите во овие процеси е да ги поддржуваат, поттикнуваат и контролираат заеднички усогласените активности.
Порача дека треба да продолжат постојано да работат на зајакнување на стабилноста на државите од овој регион и, како што рече, да постигнеме максимална демократизација и транспарентност на политичките институции преку спроведување на демократски модели, како и да продолжиме со спроведување на економски и други реформи во сите општествени сегменти.
Во обраќањето посочи дека усвојувањето на законодавството на Европската унија и неговото имплементирање е потребно не само како критериум за членство во Европската унија, туку и за приближување на европските стандарди и вредности во насока на подобрување на животот на граѓаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.