| четврток, 6 декември 2018 |

Европската дипломатска служба ќе испрати Специјален претставник на ЕУ во Македонија

еу2
Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) сериозно ја разгледува можноста да испрати Специјален претставник на Европската унија во Република Македонија, кој директно би учествувал во преговорите за разрешување на политичката, но и потенцијалната безбедносна ситуација во земјата, а кои се водат меѓу претставниците на четирите парламентарни партии: ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДПА и ДУИ.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, по ветувањето што им го даде еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан на премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев, при посредувањето во нивните преговори во Стразбур во вторникот дека официјален Брисел ќе испрати посебен претставник што ќе партициира на преговорите што од вторник идната недела продолжуваат во Скопје, во рамки на ЕЕАС на Федерика Могерини веќе се работи и на таков избор.
Висок претставник на Европската комисија, кој инсистира на анонимност, за МИА денеска потврди дека во ЕЕАС на Могерини се прави филтер на можни кандидати што пред се ја познаваат ситуацијата во Македонија, а кои не би имале судир на интереси, односно да не бил политички активен или ако бил, да не е припадник на социјал-демократска или демохристијанска опција, а со цел да посредува за решавање на политичката состојба. А, поради безбедносните импликации пост-терористичкиот напад во Куманово, Европската служба за надворешни работи и Еврокомисијата размислуваат нивниот пратеник да има пошироки овластувања, па затоа се цели тој да има мандат на Специјален претставник за Македонија.
Самиот факт што случајот Македонија е во рацете на Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Могерини, имплицира дека Брисел не гледа само политичка, туку и потенцијална безбедносна криза во земјата, што не треба да добие пошироки размери.
Последен таков претставник на ЕУ во нашата земја беше Французинот Ален Ле Роа, кој беше во Македонија пост-воениот конфликт во 2001 година. Денес, Ле Роа е генерален секретар на ЕЕАС, односно службата која рамзислува кој пратеник да го подготви и испрати во Македонија и дали да има титула на Специјален претставник.
– Засега немаме никакви новини околу посредништвото на комесарот Хан во однос на случувањата во Македонија и можеме само да се повикаме на соопштено во соопштението што тројката европратеници Иво Вајгл, Едвард Кукан и Ричард Ховит го испратија по десетчасовниот дијалог во Стразбур, посочуваат од кабинетот на еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан.
 Со оглед на тоа што преговорите Груевски-Заев продолжуваат во вторник во Скопје, можно е ЕЕАС и воопшто Европската унија, дотогаш да не стигнат со изборот на свој претставник, па да ги претставува амбасадорот на Унијата во Македонија, Аиво Орав, заедно со шефот на американската амбасада Џес Липинкот Бејли

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top