| четврток, 6 декември 2018 |

Туристите ги откажуваат посетите, нарачките и размената опаѓаат

Еден од секторите што прв ги чувствува негативните ефекти од политичката криза е туризмот, со оглед на тоа дека само во последниве денови резервациите на странски туристи за посета на Скопје се намалени за повеќе од 50 отсто. Намалувањето на туристите ќе резултира и со намалување на приходите, а последиците ќе ги почувствуваат сите жители на Република Македонија

Продлабочувањето на политичката криза веќе ја покажува својата негативна страна врз економијата. Се откажуваат нарачки, опаѓаат и увозот и извозот, а бизнисмените се исплашени бидејќи е неизвесно што ќе се случува понатаму на политички план, што, пак, е неизбежно поврзано и со влијанието врз стопанството. Кризата неизбежно ќе остави последици врз целата земја, првенствено во делот на намалување на обемот на работа на деловните субјекти, тешката наплата на сработеното, исплатата на личните доходи.

Вештачки продуцираната криза може да ја врати земјава години наназад, од услови кога сите меѓународни финансиски институции нѐ класификуваат како најбрзорастечка економија во регионот. Според упатените, очигледно некому му пречи сегашниот пораст на економијата и подобрувањето на условите на живот на поголемиот дел од населението, па се обидува да ја врати државата на старото сценарио кога економијата тонеше во безработица, немање инвестиции, немање обртни средства.

Еден од секторите што прв ги чувствува негативните ефекти од политичката криза е туризмот, со оглед на тоа дека само во последниве денови резервациите на странски туристи за посета на Скопје се намалени за повеќе од 50 отсто. Намалувањето на туристите ќе резултира и со намалување на приходите, а последиците ќе ги почувствуваат сите жители на Република Македонија.

– Моментната политичка состојба во државата не е на завидно ниво, особено од гледна точка дека ни претстои туристичка сезона, која треба да ја искористиме најдобро. Исто така, ако една сезона се расипе, следните сезони не се враќаат на истото ниво, туку е потребно многу време за да се вратат – нагласува Крсте Блажевски, претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија.

Доколку нема мирно решавање на политичката ситуација и има насилни протести, тоа Македонија ќе ја претставени во лошо светло, ќе го намали угледот на земјата во странство, а странските туристи ќе почнат да ги откажуваат аранжманите.

– Почнавме една многу убава сезона со првомајските празници, се надевавме дека ќе продолжи, но последниот период има многу тензии околу тоа и многу се зборува за откажување на некои аранжмани – заклучи тој.

ekonomija141-2

Премиерот Никола Груевски неодамна предупреди дека, можеби, позитивниот економски пораст на Македонија некому не му одговара и поради тоа се иницирани мрачни сценарија.

– Европската комисија излезе со пролетните проекции за порастот на економиите за сите земји во Европа и ако со претходната есенската проекција ЕК проектираше дека Македонија ќе има втор по големина пораст оваа година, со најновата  проекција ЕК проектира дека Македонија ќе има најголем пораст во Европа. Претходно Ирска беше прва, а ние втори, а сега се сменија позициите. Годинава се предвидува со 3,8 отсто економски пораст Македонија да има повисок пораст на економијата од сите земји во Европа –  истакна Груевски. Тој додаде дека и за следната 2016 година проекциите на Европската комисија повторно се дека Македонија со 3,9 отсто ќе има повисок економски пораст од сите земји во Европа.

Најновите макроекономски податоци на НБРМ предвидоа порастот на економијата годинава да биде 4,1 отсто, а 4,5 отсто во 2016 година. Но, сепак гувернерот Димитар Богов ја подвлече можноста за ризик, која е поврзана со политичкиот амбиент, кој, доколку продолжи, на долг рок може да има негативен ефект врз ваквото остварување.

– Доколку се случи ескалирање има ризик проекциите од ова сценарио да одат надолу – рече гувернерот на НБРМ Димитар Богов.

И Федерацијата на фармери на Рeпублика Мaкедонија излезе со апел државните институции и граѓаните да бидат соединети во овој период и заеднички да придонесат во решавање на ситуацијата бидејќи, според нив, актуелните настани ќе имаат негативни последици врз економијата, вклучително и производството и пласманот на земјоделските производи. Од Федерацијата истакнуваат дека не треба да се дозволи настанот да ескалира до ситуација што ќе направи големи штети на социо-економскиот развој на државата.

И статистиката покажува намален обем на работа во првите три месеци од годинава. Имено, во првиот квартал од годинава има видно намалување на увозот, но и на извозот.

Според податоците на Држав­ниот завод за статистика, вкуп­ната вредност на извозот на стока од Република Македонија во периодот јануари – март изнесува 1,02 милијарда долари, а на увозот 1,45 милијарда долари. Во истиот период од минатата година вкупната вредност на извозот изнесувала 1,11 милијарда долари, а на увозот 1,69 милијарда долари.

Покриеноста на увозот со извоз е 70,4 отсто, додека во истиот период лани изнесувала 65,6 отсто.

Евентуалното продлабочување на политичката криза, ќе направи сериозен удар врз стопанството. 70 отсто од трговијата е со земјите од реги­о­нот и ваквата состојба во земјава ако се задржи на долг рок, може да предизвика намалување на обемот на работа на домашните фирми. Штета ќе трпи целото стопанство, но најмногу земјоделството и електро-металната индустрија. Бизнисмените апелираат ситуацијата побрзо да се реши за да можат партнерите од опкружувањето да бидат сигурни во соработката со македонски компании.

Од бизнис-заедницата велат дека состојбата е деликатна и дека  најважно е таа  што побрзо да се реши. Велат дека е рано да се каже колку ваквата состојба ќе се одрази врз економската соработка со Косово, земја со која Македонија има суфицит во трговијата. Македонија во регионот најмногу извезува нафта, нафтени деривати, земјоделски и прехранбени производи, облека, производи од електро-металната индустрија.

Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 141. број на неделникот „Република“, 15.05.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top